Како што информира МВР, мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции на наплатна станица Глумово денеска запрела товарно моторно возило мерцедес со гостиварски регистарски ознаки, сопственост и управувано од Ќ.Р. од Гостивар.
„Од извршената контрола, утврдено е дека тој превезува огревно дрво со соодветна документација, но не поседува лиценца за вршење на јавен превоз на стока. За тоа е известен Државниот инспекторат за транспорт од чија страна е изречена глоба од 500 евра“, соопшти МВР.
На истата наплатна станица, денеска е запрено и товарно моторно возило ман со тетовски регистарски ознаки сопственост на фирма од Желино, а управувано од Ш.Љ. од Тетово.
„Од извршената контрола, утврдено е дека возачот ја нема потребната документација, односно нема патен налог и товарен лист. Од извршените дополнителни проверки, исто така е утврдено и дека тахографот на возилото е небаждарен, по што е известен Државниот инспекторат за транспорт од чија страна е изречена глоба од 3.900 евра“, посочи МВР.