петок, 11 октомври 2024

За десет години, 7.000 студенти помалку, а над 1.000 професори повеќе

За последните десет години, бројот на студенти во земјава се намалил за 7.043, односно за 12 проценти, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Најголем пад од 11.150 студенти, односно 22 отсто има на државните универзитети. Наспроти тоа, на приватните има 4.054 или 56 проценти студенти повеќе. Кај верските високообразовни установи има 53 или 20 отсто повеќе студенти.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Бројот на студенти во земјава го достигнал најниското ниво во пандемиската 2020/21, само малку повеќе од 50 илјади. По порастот во следните две учебни години, вкупниот број студенти повторно паднал во последната учебна година.

Бројот на студенти на државните факултети постојано се намалува во последните десет години и од некогашните скоро 52 илјади студенти, сега е сведен на едвај нешто повеќе од 40 илјади. Најголем губитник воопшто е најголемиот државен универзитет, скопскиот УКИМ, каде за десет години има скоро 5 илјади студенти помалку. Во тие рамки, во апсолутни бројки, најмногу студенти загубиле Економскиот факултет во Скопје, 2.273, Филолошкиот факултет 1.844 студенти и Градежниот факултет, 689.

Во однос на процентуалните загуби, најмногу студенти од УКИМ загубил Шумарскиот факултет – 69 отсто, потоа Филолошкиот кој загубил 64 отсто од студентите, потоа Градежниот со загуба од 62 отсто, Земјоделскиот со 60 отсто и Правниот факултет, 55 отсто.

Спротивно, од сите 23 факултети на УКИМ, само на четири има повеќе студенти, споредено со бројот од пред десет години. Најголем пораст има на ФИНКИ, 3.081 студент или 188 отсто повеќе студенти. Следи Медицинскиот факултет со 1.037 или 55 отсто студенти повеќе, па Фармацевтскиот факултет со 106 или 18 отсто повеќе студенти, и Факултетот за дизајн со 43 или 10 отсто повеќе студенти.

Вкупниот број на студенти на приватните високообразовни установи, осцилира од година во година, иако збирно, во последната учебна година имало 4.054 студенти што е 56 отсто повеќе отколку пред десет години. Таму, најмногу студенти имало претходната учебна година, 2022/23, кога имало и најголем годишен пораст, додека најмалку имало во учебната 2018/19.

Убедливо најмногу студенти во земјава има на медицинските науки, повеќе од 10 илјади или дури 20 отсто од студентите се запишани на некоја од медицинските високообразовни установи. Од другите струки, покрај медицинскиот, втора струка со најмногу студенти е информатичката, со вкупно 6.655 студенти, а трета, со приближно исто толку студенти, односно 6.065 е економската.

Најмногу студенти по одделни факултети има на скопски ФИНКИ (4.722), на трите државни медицински факултети, во Тетово (3.354), Штип (3.186) и Скопје (2.915), како и на скопскиот Економски факултет (2.022).

Соодветно на генералното намалување на бројот на студенти во земјава, се намалува и бројот на запишани студенти на прва година во високото образование.

Ако пред десет години имало без малку 19 илјади бруцоши, сега бројот на новозапишани студенти изнесува околу 15 илјади. Имено, за десет учебни години, вкупниот број запишани студенти во прва година е намален за 3.612, односно за 19 отсто.

Најмалку бруцоши имало во пандемиската 2020/21 година, малку повеќе од 12 илјади. Оттогаш наваму, односно во последните три години е забележан постојан пораст на бројот на студенти што се запишале на прва година на некоја од високообразовните установи во земјава.

Во однос на бројот на студенти во прва година, има најголеми разлики меѓу државното и приватното високо образование.

Прво, во последните десет години, бројот на запишани студенти во државните високообразовни институции бележи пад од 4.168 студенти или 26 отсто, додека таа бројка е во пораст кај приватните високообразовни институции и тоа за 550 студенти или 19,4 отсто.

Второ, за разлика од државните универзитети кои во пандемиската учебна година имале рекордно најнизок број на новозапишани студенти, прв пат под 10 илјади, приватните таа година имале пораст на студенти во прва година.

Трето, државните универзитети почнаа да привлекуваат повеќе студенти минатата година, кога бројот на новозапишани се врати на нивото од пред пандемијата, додека на приватните има благо намалување на бројот на бруцоши во однос на досега рекордната 2022/23 учебна година.

Во однос на верските факултети, и кај двата, Православен богословски и за Исламски науки има пораст на вкупниот број студенти во изминатите десет години, но кај Православниот само за 2,5 отсто, додека кај Исламскиот за 27 отсто. Во однос на бројот на новозапишани студенти, десетгодишната споредба вели дека на Православно богословскиот факултет има намалување на бруцоши за 17 отсто, додека на тој за Исламски науки има зголемување на интересот за студирање за 21 отсто.

Сите државни универзитети, освен последно основаниот, скопскиот Мајка Тереза, бележат намалување на бројот на новозапишани студенти во однос на бројката од пред десет години.

На УКИМ, во последните десет години, има намалување на бројот на запишани студенти во прва година на сите факултети, освен на два – Медицински и ФИНКИ. Таму, последната учебна година се запишале повеќе студенти, отколку пред десет години. И тоа, на ФИНКИ се запишале 37 отсто повеќе студенти, а на Медицинскиот факултет 11 отсто повеќе студенти од пред десет години.

Спротивно, најголем пад во бројот на новозапишани студенти има на Правниот факултет во Скопје, дури 392 бруцоши помалку отколку пред десет години, или намалување од дури 61 отсто. Следен е Филолошкиот факултет, каде има 372 помалку бруцоши отколку пред десет години, и Економскиот факултет во Скопје со 326 помалку новозапишани. Процентуално, најголем пад на интересот за студирање во последните десет години има на Факултетот за физичко образование, каде бројот на бруцоши за овој период е преполовен.

На битолскиот универзитет Св. Климент Охридски има пад на новозапишани студенти во последните десет години на сите факултети, освен на Педагошкиот каде сега има 33 отсто повеќе бруцоши од пред десет години. Најголем пад на запишани студенти се бележи на Технолошко-техничкиот факултет – Велес, 86 отсто, на Правниот факултет – Кичево, 69 отсто и на Ветеринарниот факултет, 67 отсто.

На штипскиот универзитет Гоце Делчев има два најголеми добитници и губитници. Најголем пад од 666 новозапишани студенти има на Факултетот за туризам и бизнис-логистика, додека најголем пораст на новозапишани студенти во однос на периодот пред десет години има на Медицинскиот факултет, 636 бруцоши повеќе.

Слична е состојбата и на државниот тетовски универзитет. Таму, најмногу нови бруцоши во десетгодишниот период има на Медицинскиот факултет, дури 723 повеќе отколку пред десет години. Спротивно, најголемо намалување на бројот на бруцоши сега, во однос на периодот пред десет години, имало на Правниот факултет и тоа за 517 помалку бруцоши.

На приватните факултети, пак, споредено од пред десет години, има 550 бруцоши повеќе, што е зголемување за 19 отсто. Сепак, состојбата по поединечните факултети и универзитети е различна.

Најмногу новозапишани студенти има загубено Европскиот универзитет, 319, односно 85 отсто, додека Универзитетот МИТ има запишано 161 студент или 70 отсто помалку. Од друга страна, пак, на Меѓународниот Балкански универзитет – Скопје запишани се 558 повеќе бруцоши отколку пред десет години, што е двојно повеќе.

И на приватните високообразовни институции, најмногу интерес меѓу средношколците за запишување во прва година привлекуваат медицинските и информатичките науки.

Наспроти намалувањето на бројот на студенти, се зголемува бројот на наставници и соработници. Само за последните десет години, универзитетскиот кадар пораснал за повеќе од илјада луѓе, односно за една третина.

На државните универзитети има за 26 отсто повеќе кадар отколку пред десет години, односно 786 наставници и соработници повеќе. На приватните, пак, кадарот пораснал за 281 лице, односно за 45 отсто.

Најголем пораст на бројот на универзитетски кадар од сите универзитети во земјава има на Државниот универзитет во Тетово, каде сега има 453 наставници и соработници повеќе отколку пред десет години, што е пораст од цели 128 отсто. На истиот овој универзитет, за истиот десетгодишен период има намалување на бројот на студенти за 5 отсто, а на новозапишани студенти за 23 отсто помалку. Од државните универзитети, единствено мало намалување на бројот на кадарот сега во споредба со пред десет години има на битолскиот УКЛО за 3 отсто и на охридскиот Свети Апостол Павле за 38 отсто. На скопски УКИМ има зголемување на 13 отсто на кадарот иако во исто време и за истиот период има намалување на бројот на студенти за 19 отсто, а на новозапишани за 34 осто, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, изработено врз основа на податоци добиени од Државниот завод за статистика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ