Вучиќ на новинарите во Палата Србија им кажа дека во следните денови ќе бидат објавени сите документи за реконструкцијата на станицата, во чие уривање на стреата на 1 ноември 2024 година загинаа 15 лица, во согласност со 24 точки кои ги објави Градежниот факултет во Белград тврдејќи дека недостигаат во однос на претходно објавената документација.
Тој додаде дека денес се објавени дополнителни 925 документи, како и дека објавувањето на преостанатите документи е во тек.
Зборувајќи за документацијата која ги опфаќа договорите со изведувачите и подизведувачите на работите, Вучиќ кажа дека тие не биле означени како тајни и дека не му е јасно поради што владата не ги објавила веднаш.
Наведе дека мисли дека на реконструкцијата работеле вкупно 82 подизведувачи, дека договорите ќе бидат објавени до утре, но дека тоа до сега не било објавено бидејќи не било поврзано со кривичната постапка која се води за падот на стреата на железничката станица, освен евентуално за некои други кривични дела.
„Полицијата влегла кај сите подизведувачи и во согласност со законот ја земала сета документација. Останаа уште седум договори на подизведувачи со подизведувачи“, кажа Вучиќ.
Наведе и дека државата нема одделни документи, како записникот за конечната пресметка, изјави за завршување на темелите, објектот во конструктивна смисла и други, бидејќи работите се пријавени на 16 октомври 2024 година, а несреќата се случи на 1 ноември, па со самото тоа нема ни завршување на работата.
„Сè што имавме доставивме, не постои ништо повеќе од документација, што не сме го доставиле“, кажа српскиот претседател, додавајќи дека смета дека со тоа е исполнето првото барање на студентите.
Кога станува збор за второто барање, односно кривичните пријави против оние кои ги напаѓаа студентите, професорите и граѓаните на собирите и протестите, кажа дека во моментов се поднесени 37 кривични пријави по итна постапка.
Според него, поднесени се 26 постапки поради инциденти во Белград, осум во Нови Сад, две во Шабац и една во Вршац.
„Мислам дека само во еден случај кога во прашање беа јавни функционери, одборник во Белград, и тоа е веќе решено“, наведе Вучиќ.
Со третото студентско барање се бара отфрлање на кривичните пријави против 13 активисти и граѓани за време на протестите, а Вучиќ кажа дека државата чека обвинителството да ги отфрли пријавите поднесени поради сомнеж за вршење кривични дела.
„Јас, доколку не постои друго решение, во согласност со законот и уставните овластувања, ќе бидам спремен за оние кои тоа го сакаат, бидејќи сум сигурен дека ќе има и такви што нема да сакаат, ќе потпишам одлука за помилување од кривично гонење. Тоа ќе го направам најдоцна во среда“, кажа Вучиќ.
Кажа дека останува уште барањето околу прекршочните дела, додавајќи дека тоа е работа на полицијата, со оценка дека е лесно решливо и дека може да се реши со молба до судовите за и третото студентско барање да биде целосно исполнето.
Кога станува збор за зголемување на буџетите за високото образование за 20 отсто, Вучиќ наведе дека студентите го менувале така што опфаќа и зголемување на платите на професорите и намалување на школарините за 50 отсто, додавајќи дека државата решила и тоа да го исполни.
Според него, државата тоа ќе ја чини околу 72 милијарди динари.
„Сè што смислија, успеавме и донесовме одлука да го исполниме“, кажа српскиот претседател.
Наведе дека актуелната ситуација со протестите може да се развлече на уште година, две или повеќе, но дека власта решила сето тоа да го направи бидејќи е важно младите да се вратат во клупите, но и поради стабилноста на државата, бидејќи ситуацијата во државата од почетокот на годината почнала да влијае на економијата и директните странски инвестиции.
Вучиќ кажа дека разговарал со претставници на владата на Србија и дека заклучиле дека им е важно да ја слушнат другата страна (студентите), дека сакаат дијалог и разговор, наведувајќи дека актуелната ситуација во Србија никому не му одговара.