„Никогаш не сум бил љубител на комунистите и комунистичкиот режим, но Јосип Броз е дел од нашата историја. Живеел тука, погребен е тука и ќе остане дел од југословенската и српската историја“, кажа Вучиќ во интервју за Политико, отфрлајќи ја идејата на градоначалникот на Белград и партискиот колега од владејачката Српска напредна партија.
Првиот човек на Белград најави претходно неделава иницијатива за преместување на гробот на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито од Музејот на Југославија, и на четворица народни херои од Калемегдан, оценувајќи дека „еднаш засекогаш треба да се расчисти со комунизмот“.
Јосип Броз Тито, доживотниот претседател на СФР Југославија, по смртта во 1980 е закопан во мавзолејот наречен Куќа на цвеќето, кој денес е дел од Музејот на Југославија, а на неговиот погреб присуствувале повеќе од 200 делегации од целиот свет, меѓу кои 33 претседатели, 21 премиер, четири крала, пет принца, и лидери на меѓународни организации.
Заедничката гробница на четворица народни херои – Иво Лола Рибар, Ѓуро Ѓаковиќ, Моша Пијаде и Иван Милутиновиќ, се наоѓа во рамки на историската тврдина и градскиот парк Калемегдан.
Шапиќ на новинарите им кажа дека преместувањето е „во надлежност на министерството за култура“ бидејќи Калемегдан е под заштита на Заводот за заштита на спомениците на културата, како и Музејот на Југославија, но дека „градските власти ќе направат сè за да дојде до преместување на гробниците“.