„Ние имаме целосно поинаква политика, усогласена со Повелбата на Обединетите нации и Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244, кој и понатаму е на сила“, кажа Вучиќ.
Зборувајќи за барањето на германскиот министер за спроведување истрага за настаните во Бањска на 24 септември, Вучиќ наведе дека Србија тоа веќе го прави и побара од Германија, во рамки на Еулекс, да спроведе истрага за „обидот за убиство на најмалку седум Срби, од кои две деца на кои е пукано и кои се ранети“.
„Би сакале тие стандарди да се изедначат. Ние имаме добра комуникација со НАТО, професионална. Ќе ја продолжиме таквата соработка и во иднина“, кажа српскиот претседател.
Писториус денес во Белград кажа дека неговата држава не го вооружува само Косово, туку и Србија.
Тој на прашањето на заедничката конференција за медиуми по средбата со Вучиќ врз основа на што Германија ја вооружува Приштина, одговори дека целта на Берлин е мир и стабилност во регионот.
„Ние не испорачуваме офанзивно оружје, туку само за одбрана. Од наша перспектива ние го признавме Косово и нашата цел во регионот се мирот и стабилноста, како и заедничко приближување кон Европската Унија. Тука се важни добрососедските односи, и тоа е основниот предуслов за стабилност“, наведе тој.
Вучиќ на тоа одговори дека не постои меѓународен правен акт според кој Косово може да биде вооружувано, туку само посебни акти на државите кои ја признале независноста.
„Германија е еден од главните протагонисти на независноста на Косово, а ние имаме сосема поинаков став. Нашиот поглед на дијалогот е од сосема поинаква природа, ако Србија како партнер во дијалогот ви треба само за да ги прифаќа барањата на Приштина, тогаш ние не мораме да бидеме дел од него. Што се однесува до нас секогаш сме биле отворени за дијалог, но 11 години чекаме да се формира Заедницата на српски општини и тоа не се случи“, кажа српскиот претседател.
Вучиќ соопшти дека официјален Белград подготвува извештај за меѓународното мешање во декемвриските избори, и дека, кога извештајот ќе биде завршен, јавноста ќе биде информирана за тоа.
Тој истакна дека Србија е сериозна држава, и дека „надлежните служби си ја работат работата“.