Во интервју за новинарката на Си-ен-ен Кристијане Аманпур, Вучиќ рече: „Секогаш ги почитувавме сите извештаи што доаѓаа од Советот за национална безбедност, Белата куќа и сите други американски институции. Но, вистинскиот проблем е што овие извештаи не се целосно точни“.
Белата куќа минатата недела соопшти дека е загрижена, предупредувајќи за „невиденото“ распоредување на напредна српска артилерија, тенкови и механизирани пешадиски единици во близина на косовската граница и повика на „итна деескалација“.
Вучиќ на новинарката ѝ го спомна „договорот со НАТО според кој Србија може да има војници во зоната блиску до административниот премин со Косово“.
„Во 2001 година потпишавме ангажман со НАТО за пристап до Копнената безбедносна зона и беше договорено да ја користиме војската без никакви ограничувања. Сега имаме 4.400 војници во зоната и тоа е вообичаено“, рече Вучиќ, додавајќи дека „војската ја следи ситуацијата на теренот“ и дека силите се преместени да бидат „најкорисни“.
Тој вели дека немало причина за загриженост и дека на Србија не ѝ е потребен конфликт со НАТО, туку обратно. „Сакаме поголемо присуство на КФОР на северот на Косово. Ова е еден од начините за зголемување на безбедноста на српскиот народ на Косово“, рече тој.
Тој додаде дека борбената готовност на армијата не е подигната во близина на административната линија.
„Но, јас дури и не потпишав повисоко ниво на тревога. Бројот на персонал не беше ни поголем од 60%, што обично е на административна линија. Србија е последната земја на која ѝ се потребни инциденти во Косово поради динамиката на дијалогот“, изјави Вучиќ.
„Сите видоа дека Србија е конструктивен партнер, а другата страна не направи ништо, туку постепено етничко чистење на Србите од Косово. Откако Курти дојде на власт, на Косово има 10 отсто помалку Срби, имаше повеќе од 420 напади врз нашиот народ на северот на Косово“, рече Вучиќ.
Тој рече дека „Србија ќе бара одговорност од сите луѓе кои извршиле криминални дела“ и дека „обвинителството ќе си ја заврши работата“. Тој тврди дека Милан Радоичиќ, водачот на напаѓачите за време на неодамнешниот напад на косовската полиција, е „достапен за нашите органи“, но дека „корените на проблемот се во тоа што Србите се на удар и мора да се бранат“.
„Зборував за коренот на проблемот, но вие не сакате да го слушнете. Србите сакаа да се заштитат. Јас нема да го бранам убиството на албанскиот полицаец, го осудувам. Но Србите се апсени без никакви обвиненија, исфрлени се од нивните куќи, ништо од тоа не беше во согласност со меѓународното право и со Бриселскиот договор. ЗСО сѐ уште не е формирана. Албанскиот режим во Приштина не сакаше да го спроведе тоа на дело, а народот сакаше да се одбрани“, додаде Вучиќ.
Тој на новинарката ѝ рече дека не го следела она што ЕУ го известила по средбите со Приштина и дека „сите меѓународни претставници рекле дека Србија е конструктивна“.
„Луѓето сакаат да се одбранат. Не можете да имате различни пристапи во 1989, 1999 и 2023 година. Дијалогот е единственото решение“, рече Вучиќ. „Србија беше целосно конструктивна по последните разговори во Брисел“, тврди Вучиќ.
„Морам да го почитувам српскиот Устав. Ништо не сум криел. Сѐ кажувам во лице. Секогаш ја кажував вистината. Сакавме да спроведеме сѐ што се договоривме, но Приштина не сакаше. Сега одеднаш имаме инциденти во кои за сѐ треба да ја обвинуваме Србија. За време на власта на Курти загина еден Албанец, тројца Срби, 10 Срби се ранети“, рече Вучиќ.
„Србија е секогаш подготвена да преговара“, додаде тој. „Отсекогаш сме биле конструктивни и така ќе биде и во иднина. Мора да знаете дека сите во ЕУ разбраа дека Приштина не е подготвена да формира ЗСО. Тоа е најголемата пречка и тие сакаат да продолжат со постепеното етничко чистење на Србите од Косово. Подготвени сме да разговараме за сите проблеми. Верувам дека мирот е најдобар интерес на Србија и на целиот регион“, рече Вучиќ.
На прашањето дали го поддржува она што Новак Ѓоковиќ го напиша на камера во мај оваа година (Косово е срцето на Србија, Стоп на насилството), Вучиќ рече: „Верувам дека Новак Ѓоковиќ кажа нешто од длабочината на своето срце. 99% од Србите веруваат во тоа. Ние политичарите мора да бидеме прагматични и да наоѓаме решенија преку дијалог“.