Советот за казниви дела при Врховниот суд донесе пресуда со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесени од осуденитe А. Ѓ., К.Л. и А.К. против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 30.11.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје од 05.06.2023 година, ги одби како неосновани“, се вели во соопштението од Врховниот суд.
Апелацискиот суд Скопје во јули минатата година ја одби жалбата на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски како неоснована, додека жалбите на обвинетите Андреј Костовски и Клементина Левковска делумно ги уважи и го преиначи досудениот износ на име нематеријална штета.
„Апелациониот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет, а по одржана јавна седница на 15.05.2023 година, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот А.Ѓ. е одбиена како неоснована, додека жалбите на обвинетите А.К. и К.Л. се делумно уважени, на начин што пресудата на Основниот кривичен суд Скопје, се преиначува и по однос на досудениот износ на име нематеријална штета и обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т.Т., да и исплатат 4.000.000 денари. Идентичен износ ќе треба да му се исплати и на И.Т., татко на починатиот, додека на Б.Т., брат на покојниот, му е досудена исплата на име нематеријална штета во висина од 3.000.000 денари. Согласно пресудата, при исплатата ќе биде пресметана и законска казнена камата од денот на донесување на првостепената пресуда“, информираше тогаш скопскиот Апелациски суд.
Бранителите на обвинетите во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот претходно од Апелација побараа повторување на постапката. Тие сметаа дека пресудата е неоснована поради суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба, повреда на Кривичниот законик и одлуката за изречената казна.
Обвинителството, од друга страна, предложи жалбите да се одбијат како неосновани, бидејќи, според нив, фактичката состојба била правилно утврдена.
Првостепената пресуда остана иста во делот на изречената затворска казна со која Основниот кривичен суд Скопје во ноември минатата година, ги осуди Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска по 18 години казна затвор, а Андреј Костовски на 16 години за убиството на хрватскиот ракометар кој почина на 8 април 2022 откако беше претепан од обвинетите пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.
Според обвинението, Ѓорѓиевски, Левковска и Костовски, на 7 април ноќта по кратка расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари и тешки телесни повреди од кои најпрво Тот паднал во кома, а следниот ден почина.
Процесот го водеше судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а обвинението го застапуваше обвинителката Тања Трајчевска.
Хравтскиот ракометар Денис Тот имаше 27 години и во моментот на смртта настапуваше за ракометниот клуб Бутел од Скопје. Тот играше на позицијата десен бек, а пред да се пресели во Скопје претходно настапуваше за Охрид. Во кариерата го носеше и дресот на хрватските клубови Ѓаково, Пореч и Бјеловар, Адемар Леон (Шпанија) и Брик (Австрија).