четврток, 12 декември 2024

Врховниот суд: Судовите да ги почитуваат дозволите што ги добиваат медиумите за следење на судските процеси

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми денеска ги повика судовите доследно да ги почитуваат и применуваат акредитациите за медиумите одобрени од страна на претседателот на Врховниот суд, како и препораките за снимање и фотографирање во судница усвоени и објавени од Врховниот суд и Судско-медиумскиот совет. Ваквата реакција доаѓа по вчерашната претставка на новинарката Емилија Мисирлиевски во Битола која била попречена да го следи судењето на Љупчо Георгиевски, поранешен претседател на згаснатиот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Објавено на

часот

Сподели

„Во согласност со позитивните прописи, заложбите за отворено судство и начелата на транспарентност и отчетност, клучната цел на акредитациите и препораките, е да се заштити јавниот интерес, континуирано да се зајакнува угледот на судството и воедно да се истакне демократската улога на медиумите во општеството“, се наведува во соопштението од Врховниот суд.

Работата на судовите и медиумите, како и работата на судиите и новинарите имаат заеднички именител, а тоа е вршење на професијата во интерес на граѓаните, велат од Врховниот суд, и „оттука, секое отстапување од овие вредности, не е во насока на заштита на заложбите за јакнење на јавната доверба и заштита на јавниот интерес во името на граѓаните“.

„Воедно, во врска со вчерашниот случај во Основниот суд Битола за кој беше информирана јавноста од страна на медиумите, известуваме дека до Врховниот суд на Република Северна Македонија поднесена е претставка по која се постапува во согласност со законските надлежности“, велат од Врховниот суд.

Претставката до Врховниот суд ја поднесе новинарката Емилија Мисирлиевски од Битола која вчера била попречена да го следи судењето на Љупчо Георгиевски, поранешен претседател на згаснатиот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Како што пишува во претставката, телевизија Телма, чија дописничка е Мисирлиевски на 25 октомври 2023 година од Врховниот суд обезбедила решение со кое се одобрува снимање и фотографирање на судскиот процес во кој му се суди на Георгиевски.

Според сведочењето на дописничката, вчера, пред почетокот на рочиштето, судската полиција по легитимирањето ѝ дозволила на екипата на ТВ Телма да влезат во судот, но пред почетокто на судењето, пред судницата, вработена во судот им наредила телефоните и камерата да ги изнесат од судот и дека била направена грешка што судската  полиција дозволила да ги внесат во зградата.

„Пред да почне главната расправа,  во ходникот на судот, телефонски разговарав со  колегите во редакција, за да ги известам дека сум попречена навремено да известувам затоа што  бараат од мене да го предадам телефонот, а камерата без образложение е отстранета од судот. Веднаш по разговорот,  бев повикана од судијата Цветанка Никодиновска, која на крајно арогантен начин ми нареди да го предадам телефонот.  Се спротивставив, но не отстапи од барањето и покрај  мојата забелешка  дека  ме попречува да работам.   Одлуката не ја образложи. Судењето го следев како граѓанин, а на записник бев  заведена како новинар, но немав  можност да фотографирам и снимам, со што ми беше оневозможено професионално да го следам  судењето за кое има висок интерес во јавноста. Судијата Никодиновска го одложи рочиштето, го закажа следното, по што сакав да излезам од судницата за да се подготвам да  земам изјави пред судот, но Никодиновска ме спречи и ми се закани дека следниот пат нема да ме пушти во судница. Ваквиот навредлив и недоличен начин на комуникација на судијата Никодиновска, никому не оди во прилог, а најмалку во градењето на партнерски однос меѓу судиите и новинарите. Но, што е уште поважно во овој случај, забраната за снимање и фотографирање од судски процес,  без да се образложат причините, е директен атак врз слободата на медиумите и правото на информирање“, наведува Мисирлиевски во претставката до Врховниот суд.

И екипата на МКД.мк, вчера во Охрид наиде на проблем, кога беше направен обид да се проблематизира акредитацијата на нашата новинарска екипа која сакаше да следи судски процес во кој како дел од постапката се јавува и малолетно лице. Сепак, по извршените разговори помеѓу новинарот на МКД.мк, Основниот суд Охрид и Врховниот суд, судијата Ефтим Попески цитирајќи ги соодветните законски одредби за следење на судските рочишта ѝ дозволи на нашта екипа да го следи судското рочиште со напомена дека мора да се почитуваат законските прописи кои ограничуваат кои информации од ваков тип на судења можат да се пренесат во јавност.

Сепак тензија во судницата неизостана откако судијата и новинарот на една национална телевизија се објаснуваа дека и телевизиската екипа има соодветна акредитација за следење на судското рочиште. По ова, судењето продолжи по својот вообичаен ред пропишан со закон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ