„ДУИ и овој пат, како и секојпат досега, не успеа да поттикне меѓуетнички тензии во земјава. Тие цела недела ја лажеа јавноста продуцирајќи лажни вести божем запалените возила и објектот во Куманово имаат етничка позадина. На овој начин, се обидоа да ја префрлат вината кон коалицијата Вреди, каде меѓу другото беше иницирана интерпелација и против заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени“, изјави Фатмир Сабриу од Вреди.
Како што кажа тој, МВР и полициските службеници со највисок професионализам и во рекорден рок го расветлија случајот и го уапсија осомничениот за палењето на возилата и локалот во Куманово.
„Упатуваме апел до ДУИ нивните семејни проблеми да не ги прикажуваат како државни проблеми и да не креваат прашина во јавноста околу меѓуетничките тензии“, рече Сабриу.
Коалицијата Вреди, додаде тој, никогаш нема да дозволи проблемите на ДУИ да се претставуваат како општествени проблеми.
„Граѓаните треба да бидат свесни дека овие случаи се изолирани и не ја претставуваат реалноста на нашата земја. ДУИ веќе е изолирана и тоне во бездната на своите неуспеси, останувајќи само со еден партнер во криминал: Никола Груевски“, рече Сабриу.
Според него, нивните 20-годишни криминали и гревови не можат да се сокријат со мрачни меѓуетнички сценарија.
„Доста се обидувате да ги користите Албанците како штит за да се спасите од затвор“, рече Сабриу на денешната конференција за медиуми.