Станува забор за најпознатиот саем за комунални работи во САД „Public Works Expo“, кој беше посетен од одговорните лица за комунални прашања од стотици американски градови.
Еколошките и технолошки напредни возила за одржување на хигиена во урбани средини од брендот Грин машинс, кои се произведуваат во македонската фабрика Брако, предизвикаа голем интерес поради нивниот модерен дизајн, ефикасноста и ефективноста што ја покажуваат при чистењето, економичноста и еколошките карактеристики.
На саемот беа изложени електричните модели 500 ZE и 400 ZE, како и унапредениот дизел модел 636, кои се најпродавани модели во палетата и се користат во повеќе од 60 земји на сите континенти во светот.
Возилата Грин машинс се продаваат на американскиот континент преку фирмата-ќерка на Грин машинс во Калифорнија и преку застапништвото во Мексико.
На саемот за комунални работи PWX 2024, кој е во организација на американската Асоцијација за комунални работи, учествуваа околу 500 изложувачи, меѓу кои и најпознатите светски брендови во сферата на одржувањето хигиена во урбани средини со возила на класичен, електричен и водороден погон, а велешки Брако произведува модели на сите три погони.