Најблискиот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андреј Јермак, се сретнал вчера со Кит Келог, човекот на Трамоп за специјален претставник за Русија и Украина, и со Мајк Волц, идниот советник за национална безбедност, кажале неколку лица запознаени со разговорите за Волстрит џурнал. Во разговорите учествувал и новоизбраниот потпретседател Џ.Д. Венс.
Келог изразил поддршка на напорите на администрацијата на претседателот во заминување Џо Бајден да се забрза испораката на оружје за Украина и навел дека на Трамп тоа ќе му даде предност во преговорите со Москва околу решение на конфликтот. Меѓутоа, тимот на Трамп покажал мал интерес за можноста Киев да биде примен во НАТО, што за Зеленски е клучниот услов за мировни преговори со Москва.
Според изворите запознаени со плановите, Јермак го посетил Вашингтон за да изгради односи со луѓето на Трамп. Вчера на Флорида се сретнал со шефицата на кабинетот на Трамп Сузи Вајлс. Исцрпена од речиси тригодишната војна со Русија, Украина планира да изрази спремност за мир, пишува американскиот весник.
„Но тоа мора да биде одржлив мир“, кажал еден извор. „Нестабилен, привремен мир не им служи ни на американските ни на украинските интереси“.
Зеленски неодамна сигнализираше дека Украина може да се согласи на прекин на огнот ако ѝ биде овозможено членство во НАТО. Киев би настојувал со дипломатски притисоци да ги врати териториите под контрола на Русија, наместо со воени средства. Зеленски порача дека членството во западниот воен пакт треба да им биде понудено на неокупираните делови на Украина за Киев да разгледува крај на војната.
Украинскиот министер за надворешни работи Андреј Сибига во вторникот кажа дека Киев нема да прифати никакви безбедносни гаранции освен членство во НАТО. „Нема да прифатиме никакви алтернативи“, напиша тој во писмото до НАТО.
„Украинците изнесуваат максималистички став пред можните преговори“, вели Лусијан Ким, аналитичар за Украина на Меѓународната кризна група, која се бави со решавање конфликти. „Тие можеби знаат дека членство во НАТО не е на дофат, но зошто тоа би го признале пред преговорите воопшто да почнат?“
Трамп по преземањето на должноста ќе мора да одлучи дали ќе ја продолжи американската помош на Киев. Службениците на Бајден ги забрзуваат испораките на оружје за Украина, но немаат доволно време до крајот на мандатот да ги потрошат преостанатите 6,5 милијарди долари одобрени на Пентагон за пренос на оружје и опрема од своите залихи.