Ајнштајнов прстен се формира кога светлината од далечна галаксија се витка и формира прстен поради присуството на објект во преден план. Името го носи во чест на Алберт Ајнштајн, чија теорија на општата релативност предвидува дека светлината се витка и се засилува кога поминува во близина на огромни објекти во вселената.
Така, особено огромните објекти како што се галаксиите и групите галаксии делуваат како космички зголемувачки леќи, овозможувајќи им на научниците да видат уште подалечни објекти. Овој феномен е познат како гравитациона леќа.
Бруно Алтиери, научник во мисијата Еуклид, забележал знак за Ајнштајнов прстен за време на раните тестови на вселенското летало во септември 2023 година.
„Веќе можев да го видам на првата снимка, но по дополнителни набљудувања, Еуклид успеа да сними совршен Ајнштајнов прстен“, рече Алтиери. „За мене, како некој што отсекогаш бил фасциниран од гравитационите леќи, тоа беше неверојатно искуство.“

Прстенот се појавува околу центарот на добро проучуваната елиптична галаксија НГЦ 6505, која е оддалечена околу 590 милиони светлосни години од Земјата во соѕвездието Змеј (Драко). Иако ова растојание звучи огромно, на космичката скала НГЦ 6505 се смета за релативно блиска галаксија. Благодарение на високата резолуција на инструментите на вселенското летало Еуклид, ова е прв пат да биде забележан светлосен прстен околу оваа галаксија.
Светлината што го формира прстенот доаѓа од една многу подалечна галаксија, која се наоѓа на околу 4,42 милијарди светлосни години од Земјата. Оваа галаксија никогаш досега не била забележана и сè уште нема официјално име.
„Ајнштајновиот прстен е пример за силна гравитациска леќа. Силната гравитациска леќа може да произведе повеќекратни слики од заднинскиот извор, кои понекогаш се појавуваат како лакови или прстени како овој. Сите такви примери се посебни затоа што се ретки и научно исклучително корисни.“
„Овој прстен е особено интересен поради неговата близина до Земјата и совршената ускладеност, што го прави исклучително убав“, објаснува Конор О’Риордан од Институтот за астрофизика Макс Планк во Германија, главен автор на првиот научен труд за овој прстен.
Истражувајќи како универзумот се ширел и се обликувал во текот на неговата космичка историја, мисијата Еуклид ќе открие повеќе за улогата на гравитацијата и природата на темната енергија и темната материја. Темната енергија е мистериозна сила што се чини дека предизвикува универзумот забрзано да се шири.
Вселенскиот телескоп Еуклид ќе мапира повеќе од една третина од небото, набљудувајќи милијарди галаксии на растојание од 10 милијарди светлосни години. Се очекува да идентификува околу 100.000 силни гравитациони леќи.
„Еуклид ќе направи револуција во ова поле на науката со податоци какви што досега не сме имале“, вели О’Риордан.
Иако откривањето Ајнштајнов прстен е значајно достигнување, Еуклид мора да бара поинаква, помалку очигледна форма на гравитациона леќа, наречена „слаба леќа“, за да ја исполни својата задача – разбирање на темната енергија. Кај слабите леќи, заднинските галаксии изгледаат благо растегнати или поместени.
Еуклид беше лансиран од Кејп Канаверал, Флорида, на 1 јули 2023 година и ја започна својата детална набљудувачка мисија на 14 февруари 2024 година. Мисијата постепено ја создава најсеопфатната 3Д-мапа на универзумот досега. Пронаоѓањето Ајнштајнов прстен толку рано во мисијата покажува дека Еуклид е на добар пат да открие уште многу тајни на универзумот.
Научниот труд за ова откритие е објавен во списанието Астрономија & астрофизика.