Скопските пожарникари беа на пат кон Расадник, а во битка со огнот веќе беа влезени граѓаните. Граѓаните велат дека огнот брзо избувнал и почнал да се шири со секој налет на ветерот. Среќа е што навреме било забележано дека гори сувата вегетација, зашто можел огнот да зафати и куќи.
Инаку, денеска во Расадник на голема површина имаше пожар на оревови дрвја, други видови дрвја, грмушми и сува трева, а пожарот многу брзо се ширеше поради сувата вегетација исцрпена од летните горештини без дождови. Загрижени беа и станарите од околните згради затоа што огнот се доближи на десетина метри од објектите.
Пожарот во Расадник, како што рече директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, беше чуден, зашто може да се класифицира како шумски пожар во град, кој бара противпожарна интервенција налик на тие што ги имаа пожарникарите летово во планини и шуми.
Поради овој пожар беше исклучена струјата, па делoви од Кисела Вода извесно време беа без електрична енергија.