„ОВР Кочани поднесе кривична пријава до ОЈО Кочани против Ѓ.Б. (32) и Љ.С. (48), двајцата од Кочани поради основи на сомнение за сторено кривично дело убиство.
Вчера во 7.43 часот Ѓ.Б. пријавил во ОВР Кочани дека во дом во Кочани го пронашол мртов неговиот сосед Д.А. (54) од Кочани.
Од страна на екипа од Итна медицинска помош била констатирана смрт со видливи траги на насилство, а од страна на ОВР Кочани во координација со јавен обвинител од ОЈО Кочани веднаш се преземени мерки и активности за расчистување на случајот.
При тоа, во службен разговор Љ.С. признал дека Ѓ.Б. и Љ.С. претходната вечер биле во домот на нивниот сосед Д.А. и консумирале алкохол, по што настанала расправија и го удирале Д.А. со тврди предмети. Ѓ.Б. и Љ.С. се лишени од слобода и со кривична пријава предадени на ОЈО Кочани за понатамошно постапување“, се вели во соопштението на МВР.
Од кочанското обвинителство инормираат дека е отворена истрага за убиството, а осомничените лица се во притвор.
„Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, кои се осомничени дека како соизвршители извршиле кривично дело – убиство според член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајцата осомничени, по претходна расправија, лишиле од живот едно лице, нивен сосед, удирајќи го повеќе пати со тврди предмети и нанесувајќи му повреди по целото тело.
По наредба на јавен обвинител, на телото на починатиот е извршена обдукција, а од лице место се прибрани траги и материјални докази кои се предмет на вештачења. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Кочанскиот суд го прифати предлогот и им определи притвор од по 30 дена“.