понеделник, 9 декември 2024

Во окото на знаменосната бура и на соживотот

Сообраќајниот метеж е вообичаено секојдневје и „секојноќје“ на булеварот што го делат скопските општини Чаир и Бутел, што почнува како „Цветан Димов“, а продолжува како „Христијан Тодоровски-Карпош“.

Објавено на

часот

Сподели

Метежот е со константен интензитет во делот на тн. „стар Чаир“, кај старата фурна и новите „тренди фаст фудови“. Исто така, пукотниците од „непознато потекло“ ( дали од огномети, или од оружје) не се невообичаена појава во овој дел од Скопје, кој сепак е историското јадро на главниот град на Македонија. Со таквата стекната навика на живеење во овој дел од градот, необичниот момент вечерта на 28 ноември ( датум кој во македонското живеење е  неформално прифатен како „ден на албанското знаме“), беше сообраќајот на претходно наведените „критични точки“ од чаирско-бутелскиот булевар, кои беа во идеална состојба за полагање возачки испит – речиси празни. Бандерите на тротоарите, „уредно накитени“ со македонско и со албанско знаме, кои стојат уште од Денот на албанската азбука, од пред една седмица.

Вистинското „изненадување“ за некој што го заборавил датумот за денот на албанското знаме, започна кај надвозникот од Чаир кон Бит Пазар. „Изненадувањето“ беше, еден час да се биде дел од колоната со возила, моторчиња, тротинети, од кои се вееја албанското, па и косовското знаме. Македонското знаме, официјално беше закачено на бандерите.  Подоцна на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа дека еден примерок на македонското знаме, (веројатно симнато од бандерите) беше кинето, газено со автомобил и палено од оние што го прославуваа албанското знаме. Од колоната автомобили, во своевидното „око на знаменосната бура“, не беше видлив тој „херојски чин“ на изживување со македонското знаме, а  можеби и не сме го погодиле вистинскиот момент во бесцелното вртење на автомобилите со албански знамиња на растојание од 500 метри, на потегот од надвозникот во Чаир до најпрометната крстосница на Бит Пазар, меѓу ТЦ Мавровка и судовите. Навистина имаше и неколку полициски комбиња отстрана на сообраќајницата, но за еден час минат во колоната, немаше видлива интервенција, дури ни за регулирање на сообраќајот, туку семафорите си работа во редовен режим.

Денеска, сите партии во Македонија (главно македонските) се јавија со осуда на сквернавењето на македонското знаме. ДУИ го осуди како „индивидуален чин“, но на некој начин и го оправда како  „револт на полициската интервенција“. Речиси во сите партиски осуди на сквернавењето на македонското знаме се бара одговорност за чинот. Но и инаетливата, па и провоцирачка манифестација на одбележувањето на националниот ден на друга држава, Албанија, во земјава прифатен како „ден на албанското знаме“ – се оценува како поткопување и удар на меѓуетничките односи и соживотот во Македонија.

Во реалните мигови на „учество од немајкаде“ во колоната автомобили во Скопје, кои го слават знамето на друга држава, а го газат, кинат и палат знамето на заедничката држава, стандардните политички флоскули за соживотот и меѓуетничките односи се покажуваат во својата целосна бесмисленост. Исто како што од перспектива на учесник во колоната, изгледаше бесмислена и целата манифестација на некаква етничка посебност и доминација, па макар и како протест. Во интерес на вистината, во ниту еден миг не се почуствува загрозеност на личната безбедност, освен можеби привремена нервоза за доцнењето на договорените лични настани, и превидот за „важниот ден за сограѓаните“.

Колку и да звучи бизарно, ваквите политички провокации (обично организирани во позадина од албански политички субјекти) се очекувани во македонската јавност, особено во денови кои албанската заедница во Македонија, ги смета за важни за нивната национална кауза. Лесно е да се провоцира македонската јавност со знамиња со карта на замислената „голема Албанија“, да се навредуваат и омаловажуваат Македонците со палење на македонското знаме среде Скопје, па со снимката да се фалиш на социјалните мрежи.

Партиите и политичарите од албанскиот блок имаат доволно политички стаж и искуство, да покажат зрелост за да го издигнат своето дејствување над нивото на инфантилни националистички провокации со проверен запалив ефект. Одамна е време албанскиот политички фактор во земјава да почне да дејствува како што се претставува пред меѓународната јавност – за Македонија во ЕУ, но со почитување на националните чувства и интереси на Македонците, како нивни сограѓани и сепак како мнозински народ во Македонија.

Јасминка Павловска   

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ