вторник, 10 декември 2024

Вечер на современа македонска книжевност во Ниш

Во пресрет на одбележувањето на 79-годишнината од усвојувањето на македонскиот правопис, во Народната библиотека „Стеван Сремац“ во Ниш вечерва ќе се одржи вечер посветена на современата македонска книжевност, со клучни нови изданија во Србија што ги афирмираат македонските книжевни вредности, информира Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Од факултетот велат дека се зацврстуваат релациите меѓу македонските и српските филолози за афирмација и развој на македонистиката. Се продлабочува соработката меѓу книжевните истражувачи од академската заедница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, особено од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и колегите од Универзитетот во Ниш, каде на Филозофскиот факултет се изучуваат македонскиот јазик и книжевност, се нагласува во најавата за настанот.

Книжевната вчера ќе биде посветена на две капитални дела објавени оваа година, а кои се однесуваат на современата македонска проза и поезија – и двете резултат од работата на д-р Данијела Костадиновиќ, која е професор по македонистика на нишкиот Филозофски факултет и истакнат афирматор на македонистиката. Првото дело е монографијата „Каде што дрвјата умираат: магичниот реализам на Живко Чинго“, авторско научно дело на Костадиновиќ, а второто дело е последната, аманетна книга на Ацо Шопов, „Дрво на ридот“, првпат објавена интегрално во одделно издание во препев, на друг јазик.

За монографијата посветена на магичниот реализам на Чинго, критички ќе се осврнат рецензентите: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ и проф. д-р Данијела Поповиќ-Николиќ од Филозофскиот факултет во Ниш. Препевот на Костадиновиќ на поетската книга на Шопов ќе го промовира Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кој беше и рецензент при објавување на изданието.

Учесниците, како што е најавено, ќе се осврнат и за влогот на Данијела Костадиновиќ за афирмација на македонистиката во Србија, следејќи ги чекорите на својот претходник, проф. д-р Мирољуб Стојановиќ, а модератор ќе биде Емилија Радмиловиќ.

Покрај книжевната вечер, во Ниш ќе се разговара и за содејствувања за натамошно развивање на соработката меѓу книжевните истражувачи и преведувачите посветеници на македонскиот збор.

Монографијата за Чинго е во издание на издавачката куќа „Domus editorial Ars Libri“ од Белград, додека со препевот на поетската книга на Шопов, Друштвото на писатели и книжевни преведувачи на Ниш отвора нова едиција во којашто првата книга е од современата македонска книжевност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ