„Ние не смееме да ги забораваме великаните на НОБ, туку секогаш одново да се инспирираме од нивната борба и жртва за нашата слобода. Чувајќи го споменот за нив, се потсетуваме и на вредностите неопходни за да се изгради слободно и праведно општество. Слободата се стекнува еднаш, но, мора да се чува и штити постојано. Само така ќе имаме образ да кажеме дека сме достојни наследници на овие јунаци, и да покажeме дека нивната жртва не била попуста“, рече претседателот Пендаровски.
На свеченоста говореше и братот на Чеде Филиповски, Ацо Филиповски, кој потсети на животот и активностите кои ги спроведувал како член на комунистичката партија и во партизанското движење. Тој истакна дека причината и околностите за неговата смрт не се до крај разјаснети.
На соборот беше прикажан и документарен филм во кој низ сведоштвата на истакнати личности беше потенциран значајот на Чеде Филиповски во Втората светска војна.
На бистата и спомен чешмата во родното село на народниот херој, делегации положија цвеќе, а беше изведена и пригодна културно уметничка програма.
Чеде Филиповски Даме пред почетокот на војната работел како ѕидарски работник во Белград. Набрзо се вратил во Македонија и бил еден од организаторите на НОВ во Мавровскиот крај. Извршувал значајни функции во партизанското движење и бил член на АСНОМ. Загинал на 26 јуни 1945 година во сообраќајна несреќа во радовишко. Иако постојат сомнежи, погибието и ден денес се води како несреќен случај. Постхумно е прогласен за народен херој на Југославија, а неговото име го носат повеќе улици и установи во земјава.