Локалните медиуми јавуваат дека бришењето го сторил иселеник од Австралија, Стефан Георгиевски, кој не се криеше и го избришал написот „Иван Михајлов“ со црн спреј.
Денеска од регистарот официјално е избришан и културниот центар „Цар Борис III“ од Охрид. Во Охрид беше тргната таблата од местото каде беше канцеларијата на овој центар. Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.
„Во образложението Комисијата наведува дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно е потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рајх и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка“, пишува во соопштението од Министерството за правда објавено на 30 март годинава за бришењето од регистарот на името на клубот во Охрид.
Бугарските клубови имаа рок до 16 февруари да ја усогласат работата со измените во Законот за здруженијата и фондациите донесени лани во ноември.