среда, 4 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за партизација на Судскиот и Советот на јавни обвинители, Судскиот совет тврди тоа нема врска со реалноста

СДСМ врши упад во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), затоа што покрај тоа што во Советот на обвинители и во Судскиот совет „назначија свои членови во Управниот одбор (УО) на АСЈО, кои немаат право да ги назначат“, за заменик член во Академијата ја назначија и Емел Кранли, братучетка на Ветон Кранли, началник за организиран криминал во времето на министерот за внетрешни работи Оливер Спасовски, обвини денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков. Од Судскиот совет на прашање од МКД.мк одговорија дека обвинувањата немаат врска со реалноста. Од Владата велат дека судско-обвинителскиот систем е катастрофален, а решението е целосна реформа и департизација на Судскиот и на Советот на јавни обвинители.

Објавено на

часот

Сподели

Не стивнуваат обвинувањата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека Судскиот совет (ССРМ) и Советот на јавни обвинители (СЈОРМ) незаконски номинирале свои претставници во Управниот одбор (УО) на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).

Пратеникот Миле Лефков денеска на прес-конференција обвини дека СДСМ врши упад во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), затоа што покрај тоа што во Советот на обвинители и во Судскиот совет „назначија свои членови во Управниот одбор (УО) на АСЈО, кои немаат право да ги назначат“, за заменик член во Академијата ја назначија и Емел Кранли, братучетка на Ветон Кранли, началник на организиран криминал во време на тогашниот министер за внетрешни работи Оливер Спасовски.

„СДС со последни сили се обидува да ја партизира Академијата. Очигледно е дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители делуваат како испостава на СДС. Најновите назначувања во УО на Академијата за судии и јавни обвинители се спротивни на закон и истите треба да се повлечат. Очекуваме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги преиспитаат своите одлуки, а ДКСК и Јавното обвинителство да реагираат по овој упад диригиран од СДС, а извршен преку двата совети“, рече Лефков на прес конференцијата.

Законот за спречување на корупција е каменот на сопнување

Од ВМРО-ДПМНЕ своите тврдења за незаконско номинирање претставници во УО на АСЈО од страна на Судскиот совет и СЈОРМ ги темелат врз член 44 став 4 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, според кој се забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал.

Конкретно за Судскиот совет, ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од членката на Советот, Антоанета Димовска, и од целиот состав затоа што токму таа е номинирана за членак на УО на АСЈО.

Од Судскиот совет на прашање од МКД.мк одговорија дека обвинувањата немаат врска со реалноста.

„Во конкретниот случај, не може да се примени член 44 став 4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, бидејќи членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители се од редот на судиите и јавните обвинители, кои по закон се веќе претходно избрани и именувани лица, а во поткрепа на законитоста на одлуката на Советот е и досегашната пракса. Неспорно е дека Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители одлучува по приговори на кандидатите во АСЈО, кои по завршување на Академијата ги избира Советот, но неспорно е и дека во постапката за избор учествува и Врховниот суд, кој одлучува по жалби на неизбраните кандидати кои ја завршиле Академија. Значи ли тоа дека во случајов е незаконита и номинацијата на судија од Врховниот суд за член на Управниот одбор во АСЈО поради судир на интереси? За надминување на изнесените дилеми во јавноста, околу начинот и постапката за номинација, Судскиот совет веќе започна постапка за  изготвување на подзаконски акт, со кој ќе се регулираат условите и постапката за сите номинации кои се во надлежност на Советот“, одговорија од Судскиот совет.

Во меувреме, од Владата за МИА велат дека судско-обвинителскиот систем е катастрофален, а решението е целосна реформа и департизација на Судскиот и на Советот на јавни обвинители.

„За жал судско обвинителскиот систем во Македонија е катастрофален и тоа што е пример за заробено судство е денес практично македонското судство. Во овој момент како најсоодветен пример за овие тврдења се наводите со кои се врши брутална партизација на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Затоа потврдуваме дека решението е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и веднаш штом ќе се започнат било какви процедури јавноста ќе биде информирана“, велат од Владата.

Според Владата, решението е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

„Препораките од Оценската мисија треба да бидат разгледани со должно и сериозно внимание затоа што ако вака продолжиме следниот извештај на Европската комисија ќе биде негативен или полош од сите претходни“, велат од Владата.

Според планот, Владата предвидува распуштање и законска реформа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

„Во преодниот период, Владата ќе иницира законски измени со кои ќе утврди строги и објективно мерливи критериуми кои треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и на Претседателот на државата, преку транспарентна и јавна постапка што ќе го гарантира интегритетот и квалитетот на избраните кандидати. Владата ќе иницира процес на промена на Уставот во делот на уредување на составот на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители“, предвисува Програмата за работа на Владата 2024-2028 година.

Законот за АСЈО не познава судри на функции

Управниот одбор е еден од трите органи на управување на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) кој го сочинуваат девет члена. Освен Судскиот совет, Врховниот суд, Здружението на судии, Министерството за правда кои назначуваат членови, во Управниот одбор на АСЈО се назначуваат и претставници од редот на јавните обвинители.

„Четири члена и нивни заменици во Управниот одбор се назначуваат од редот на јавните обвинители и тоа, двајца членови и нивни заменици се јавни обвинители назначени од Советот на јавни обвинители, еден член и негов заменик се јавните обвинители назначени од Јавниот обвинител на Република Македонија и еден член и негов заменик се јавни обвинители назначени од Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители. За член или заменик-член во Управниот одбор може да бидат назначени судии, јавни обвинители и државни службници од Министерствтото за правда кои имаат најмалку осум години работен стаж и со позитивни резултати во работата“, предвидува Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Во работата на Управниот одбор учествува директорот, а во негово отсуство заменикот-директор на Академијата, без право на глас.

„Еден месец пред истекот на мандатот на членовите на Управниот одбор и на нивните заменици се назначуваат членови на Управниот одбор и нивни заменици, согласно со условите утврдени со овој закон. Конститутивната седница на Управниот одбор  се одржува најдоцна во рок од 15 дена по завршувањето на мандатот на претходниот Управен одбор, а  ја свикува и со неа  заседава најстариот назначен член на Управниот одбор. Мандатот на членовите на Управниот одбор и нивните заменици трае четири години, без право на последователен избор“, пишува во Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Што се однесува на престанок на мандатот и/или разрешување член на Управниот одбор тоа може да се случи по истекот на мандатот од четири години, на барање на самиот член, поради смрт, ако му престане функцијата или работниот однос во судот, обвинителството или Министерството за правда каде што работи и/или ако е спречен да ја врши функцијата член или заменик-член на Управниот одбор подолго од шест месеци поради болест или други причини.

„Член и заменик-член на Управниот одбор се разрешува ако, со правосилна пресуда му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност  за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција или на работната позиција во Министерството за правда, со правосилна судска одлука е осуден за  кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци и ако постапи спротивно на прописите од областа на спречувањето на корупцијата и судирот на интереси“, се наведува во Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

За членството во Управниот одбор на Академијата, членовите имаат право на месечен паричен надоместок кој изнесува 50 отсто од просечната месечна плата исплатена во последните три месеци. Членовите на Управниот одбор, кои не живеат во Скопје каде што е седиштето на АСЈО, имаат право на надоместок за патни трошоци. Месечниот надоместок предвиден за работа на членовите на Управниот одбор се исплаќа на членот или заменикот-член за онолку седници на коишто присуствувал во текот на еден месец.

Искра Опетческа

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ