„Повикот за обединување и креирање на стратегија за државата 2025 е конкретен проект, кој на едно место ќе ги собере македонските академци и интелектуалци. Идејата и визијата на претседателот Мицкоски е покрај општонародно обединубање, членовите на МАНУ и универзитетската заедница, сите професионалци во својата област да ги опфати приоритетите за развој на државата, демографските предизвици, економските цели како и начинот на нивно остварување“,се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, стратегијата треба да го опфати и земјоделскиот и технолошки развој, енергетскиот и транспортен развој, подобрувањето на животната средина, образованието, како и да овозможи здравство во тек со светските достигнувања.
„Токму ова е потребно за државата за да го фати текот со новото време, каде што научните, технолошките и економски процеси забрзано се развиваат. И за сето ова да се испланира, спроведе и реализира потребно е внатрешно обединување. Заради тоа, ги повикуваме СДС да се надминат себеси и барем еднаш во нивното партиско делување, државните интереси да ги стават над партиските. СДС треба да престане од ракав само се и сешто да одбива, туку за сѐ што е во интерес на државата, како што е случајот со стратегијата за државата 2025, да ја поддржи. Тоа им го должиме, како генерација на одговорни политичари, на генерациите што следат после нас“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ веднаш вратија дека стратегија за развој на Македонија за следните 20 години има, но дека сѐ уште чека на усвојување во Собрание.
„Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 е успешно подготвена и одамна е поднесена до Собранието. ВМРО-ДПМНЕ беше дел од тој процес а нивните пратеници учествуваа во изработка на стратегијата. Овој документ е резултат на широко и инклузивно учество, кое вклучува над 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, како и деловни и граѓански организации. Дополнително, над 1.500 млади и претставници на ранливи групи активно допринесоа за креирањето на стратегијата“, велат од СДСМ.
Според партијата оваа стратегија е уникатен пример на наднационална соработка, којa ги обединува граѓаните околу заедничка визија и реални цели за развој. Собранието е местото каде што се води дијалогот и се оформуваат политиките на државата, и СДСМ останува посветена на неговото значење како клучен демократски форум.
„Најавите на Христијан Мицкоски за ‘обединување’ околу ‘нова стратегија’ се несериозни и празни политички пораки, кои ја игнорираат реалната потреба за конструктивност и конкретни решенија. Стрсатегијата тој ја има на маса, треба да покаже дела а не само празни зборови. Наместо навистина да се обединиме околу заедничките стратешки приоритети, сведоци сме на популистички изјави, кои не ги одразуваат потребите на граѓаните. Четири месеци наназад, Мицкоски не понуди ниту една мерлива цел или конкретен план во важните области, што ги остави граѓаните со празна реторика и без насока за иднината“, сметаат од СДСМ.
Од партијата апелираат до ВМРО-ДПМНЕ „да прифати дека обединувањето околу заеднички цели бара реална визија и лидерство, не само политички флоскули“.
„Додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со повици без содржина, државата и граѓаните остануваат без конкретна поддршка за напредок. СДСМ ќе продолжи да се залага за долгорочни решенија кои ќе овозможат стабилност и просперитет за сите“, велат од СДСМ.