Министерот за економија Крешник Бектеши пак во поддршка на директорката на Управата за имотно-правни односи, Касами вели дека веројатно пратениците со измените на Законот за експропријација сакале да дообјаснат нешто.
Иако на 22 април ќе биде ставен првиот камен темелник на првата делница од коридорот 8 ов Владата не знаат кога и како ќе се врши експропријацијата на земјиштето.
Но така не мислат 14 пратеници кои ги доставиле предлог-измените на законот за експрорпијација. Во образложението зошто предлагаат измени тие напишале дека предложените измени и дополнувања се со цел поефикасна имплементација на донесениот закон и надминување на проблемите во однос на решавање на имотно-правните прашања поврзани со реализацијата на проектите за изградба на Коридор 8 и Коридор 10-д.
„Со предложените измени и дополнувања се олеснува процесот на експропријација и се овозможува поефикасна примена на Законот за експропријација за градби кои се од стратешки интерес на државата“, напишале 14 пратенци.
Со измените е предвидено дека државата преку надлежните јавни претпријатија, министерства, институции, треба прво со предлогот за експропријација да поднесе доказ за обезбедени пари за надомест на експроприраната недвижност.
Новина е и тоа што за изградба на објекти што ќе бидат потребни при градењето на автопатите на „Бехтел и Енка“ ќе ѝ се даде во владение експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба таа да стане правосилна.
Државата ќе им плаќа отштета на сопствениците на приватните имоти дури и за бесправно изградените објекти на нивното земјиште што ќе го експроприра за изградбата на Kоридорот 8.
„Потребен е само имотен лист кој докажува дека земјиштето е во сопственост на лицето на кое му се експроприра имотот, но и доказ дека претходно тоа лице има поднесено барање за легализација на дивоизградениот објект“, пишува во дел од предложените измени на Законот за експропријација.
За експропријација државата процени дека ќе бидат потребни 300 милиони евра од Буџетот.
Според податоците од Владата 55 отсто од земјиштето што треба да се експроприира е во приватна сопственост, а останатите 45 отсто е во државна сопственост.
Надлежните владини министри и директори органи не знаат ниту дали на десет дена од почетокот на изградбата на првата делница од коридорот 8 постои барем 100 метри проектиран дел од автопатот што ќе се гради.
„На 22 април ќе почнеме сѐ наеднаш. И експропријација и проектирање и избор на проектант. Ова го правиме затоа што во минатото имавме негативно искуство како што е она со изградбата на автопатот Кичево-Охрид кој се гради веќе 10 години“, рече Ејуп Рустеми директор на Јавното претпријатие (ЈП) Државни патишта.
Договорот што Владата го потпиша со американската компанија „Бехтел и Енка“ се очекува да чини 1,3 милијарди евра, пари обезбедени од Буџетот на државата. Според договорот, автопатиштата со вкупна должина од 110 километри треба да бидат готови за четири години и седум месеци.
И.О: