При посетата на ОУ „Стив Наумов“ на првиот училишен ден, Мицкоски рече дека се подготвуваат да го олеснат трошокот на родителите за успешен старт на учебната година со лимитирање на цените на производите кои се најпотребни.
„Правиме анализа на сите трошоци и мислам дека во текот на денов ќе биде готова и утре на седница на Владата ќе излеземе со план за лимитирање на цените на производите кои се неопходни за успешен и порелаксиран старт на учебната година, но и периодот после летото да можеме да го поминеме“, изјави Мицкоски.
Детали за новата мерка најави дека ќе бидат соопштени по владината седница на прес-конференција.
Mицкоски најави дека до почетокот на декември Владата ќе исплати К-15 на 84.000 наставници.
„Во ребалансот на буџетот се планирани 1 милијарда денари за таа намена. Исплатата ќе се реализира при крајот на ноември и почетокот на декември за да се опфатат што поголем број на вработени, знаете дека вработените по закон треба да работат 6 месеци за да добијат регрес на годишен одмор, што значи ќе бидат опфатени поголем број на вработени“, рече Мицкоски.
Тој потсети дека во буџетот за годинава, претходната влада не планирала пари за регрес на годишен одмор за овие вработени.