вторник, 15 октомври 2024

Владата расправа за замрзнатите цени, поканети се и увозниците на овошје и зеленчук

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференцијата во владата ги повика увозниците на овошје и зеленчук да присуствуваат на средбата затоа што, како што нагласи, во земјава до крај ќе се почитуваат законите. 

„Одлуката почна да се применува вчера за што, како Министерство за економија, мислиме дека има многу аномалии. Им се заблагодарувам на ланецот супермаркети и на повеќето од пиларите и ги повикам увозниците на овошје и зеленчук да дојдат на средба заради тоа што во нашата држава ќе се почитуваат до крај законите почнувајќи од Царинската управа, Управата за јавни приходи, фактурите кои ги имаат дадено на царините кај соседите и дуплите фактури кои ги имаат дадено во нашата царина. Откако ќе заврши координативниот состанок и ќе ги имаме сите информации, јас ќе ги доставам пред надлежните институциии“, рече Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање.

Прашан зошто се повлекуваат гравот и леќата од рафтовите во малопродажба, Бектеши рече дека она што е влезено како производ во земјава, мора да излезе во продажба. 

„Таква пракса имаме. Има голема разлика од увозните цени до 28 март и од 28 март до денес затоа да се замислат добро и увозниците и надлежните институции“, рече Бектеши.

Министерот за земјоделие, Љупчо Николовски пак, денеска изјави дека замрзнувањето на цените не влијае на приходот на земјоделците.

„Замрзнувањето на цените нема да влијае на трошоците и на приходот на земјоделците, туку на сите оние кои сакаат да профитираат на грбот на граѓаните“, оцени Николовски. 

Во анализите како што рече Николовски, јасно се дефинирани производствените трошоци на земјоделците и откупните цени што се плаќаат кон нив.

„Од тие анализи произлегува дека најголем дел од цените што граѓаните ги плаќаат, одат за маржа, не за земјоделците. А во овој момент го немаме тоа домашно производство и затоа целото наше мислење беше дека во овој момент нема проблем во делот на домашното производство на тие производи, односно замрзнувањето и ограничувањето на овие цени нема да влијае на трошоците и на приходот на земјоделците, туку ќе влијае на сите оние кои сакаат да профитираат на грбот на граѓаните. Во целокупната цена, најголема застапеност има маржата“, изјави Николовски, на новинарско прашање пред јавната дискусија за упростување на постапките за дозволи за објекти за примарна обработка на земјоделски производи.

Во Министерството за земјоделие вчера се одржал состанок со земјоделците од оранжериското производство и нивните барања, како што најави, ќе бидат разгледани за да се види колкави се трошоците. 

„Станува збор за оранжериско производство каде цената на чинење на производство е повисока, меѓутоа Министерството и минатата година беше подготвено во секој поглед да ги поддржи земјоделците. Ќе ги проанализираме овие податоци, но знам дека денес премиерот има состанок со повеќе министри за замрзнувањето и верувам дека ќе има повеќе податоци“, рече Николовски. 

Тој нагласи дека не ги анализираат увозните цени, туку домашното производство.

„Немаме надлежности да испитуваме и да утврдуваме цена на чинење на производи од Албанија или од Србија. Ние мора да ги заштитиме земјоделците заради тоа што не може со маржи што се ставени на домашните производи на крајот некој да профитира во време на криза“, рече Николовски. 

Со одлука на Владата од вчера се определени највисоките цени во трговијата на мало за свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони.  Килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ