„Имајќи ја предвид тенденцијата на пораст на просечната плата за 2024 година во однос на просечната плата за 2023 година, Владата донесе одлука за изменување и дополнување на законите во кои се утврдени коефициентите за пресметка на платите на избраните и именувани лица, судите, членовите на Судскиот совет, на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители и за таа цел ги задолжи Министерство за економија и труд и Министерство за правда, секој во своја надлежност да достават изменување и дополнување на законите, на тој начин што ќе се изврши намалување на утврдените коефициенти за пресметка на платите, сè со цел да не се направи дополнителна штета. Односно актуелните законски решенија предвидуваа пораст на платите на избрани и именувани лица, но Владата со цел да го заштити јавниот интерес и да нема дополнителни фискални импликации врз буџетот донесе одлука со која ќе се направи измена и дополнување на законите, каде нема да се загрози и влоши состојбата на избраните и именувани лица. Односно ветивме дека едно е сигурно и тоа го исполнуваме -зголемување на платите на избраните и именуваните лица нема да има. Со ова замрзнување го намалуваме тој процент од година во година, сè со цел да дојдеме до процент еднаков на нула“, објави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Митева додаде дека дополнително се обезбедени околу 1 милијарда денари во билансот на буџетот за исплата на К-15, што е законска обврска за сите работодавачи и Владата ќе ја исполниме оваа обврска во текот на месец декември.
Исто така, Владата донесе одлука со која препорачува на сите органи на државната управа, со цел да не се предизвикаат дополнителни фискални импликации врз буџетот да не се врши исплата на 13-та плата за 2024 година, за да се обезбеди фискална стабилност без преголеми оптоварувања врз средствата на граѓаните.