Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се возеше со воз од Полска до Киев со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Леми, чија лабуристичка влада вети дека ќе ја задржи улогата на Британија како клучен бранител на Украина.
Претседателот Володимир Зеленски периодов ги зачестува своите барања кон Западот да обезбеди оружје со поголема огнена моќ и помалку ограничувања.
Американскиот претседател Џо Бајден, прашан во Вашингтон дали ќе дозволи Украина да користи оружје со поголем дострел, рече: „Токму за тоа решаваме“.
Бајден, иако е силен поддржувач на Украина, претходно јасно стави до знаење дека сака да избегне директна конфронтација меѓу САД и Русија, двете водечки нуклеарни сили во светот.
Блинкен, зборувајќи заедно со Леми во Лондон во вторникот, рече дека Соединетите Држави ѝ се посветени на Украина и ќе го обезбедат „она што им треба кога ќе треба да бидат најефективни во справувањето со руската агресија“.
Но Блинкен, кому ова му е петто патување во Киев од инвазијата, рече дека исто така е важно да се види дали украинските сили можат да одржуваат и користат одредено оружје.
Подоцна запрашан во интервју за Скај њуз дали САД ќе дадат дозвола за оружјето со долг дострел, Блинкен рече: „Никогаш не исклучуваме, но кога ќе одлучиме, сакаме да се увериме дека тоа е направено на таков начин што може да го унапреди она што Украинците се обидуваат да го постигнат“.
Соединетите Американски Држави веруваат дека Русија за неколку недели би можела да почне да истрелува ракети со краток дострел од Иран кон Украина.
САД претходно оваа година ѝ дадоа благослов на Украина да користи западно оружје за да ги нападне руските сили кога тие се во директен конфликт преку границата.
Но Украина минатиот месец почна ненадејна офанзива директно на руска територија во Курск, додека руските трупи напредуваат на фронтот во источна Украина.
Едно од клучните барања на Украина е да се олабават ограничувањата на американските тактички ракетни системи, или АТАКМС, кои можат да погодат цели до 300 километри.