Во брзо-развивачката ИТ индустрија, вклучително и образованието за информатичка технологија и дигитални вештини, трансформацијата на СЕДЦ во Qinshift Academy означува значајна пресвртница. Иницијативата за ребрендирање предводена од Весна Иваноска, генерален менаџер на СЕДЦ – сега Qinshift Academy, одразува стратешки потег за премостување на традиционалното искуство со врвни иновации. Во ова интервју зборуваме за ребрендирањето, за трансформацијата, образовната еволуција, глобалното влијание…
Еден од првите едукативни центри за неформално образование, добро познат како Сеавус едукативен и развоен центар или СЕДЦ еволуира во Qinshift Academy. Како дојде до потребата за ребрендирање и кои беа клучните мотиви зад оваа трансформативна иницијатива?
-Ребрендирањето на СЕДЦ е природна и очекувана промена која настана како резултат на трансформација на технолошкиот столб на KKCG Групацијата во чија сопственост од пред 2 години е и нашата мајка-компанија Сеавус, сега Qinshift. Промената е дел од поголем план, окрупнување на неколку европски лидерски имиња во информатичката индустрија под заедничкиот бренд Qinshift – технолошки гигант во развој на иновациите и технолошки, со повеќе од 3.500 вработени, над 300 клиенти, 28 канцеларии и вкупен приход од над 200 милиони евра. Оттука, за нас како едукативен центар и единствена компанија за едукација во ова елитно друштво, ребрендирањето е голема чест, одговорност и најважно, огромна можност за забрзан раст и експанзија на нашите сега веќе докажани продукти и услуги низ цела Европа.
Каков напредок и иновации од аспект на образование можат да очекуваат студентите на Академијата? Како ќе се развива наставната програма и искуството што досега го нудевте за да се задоволат барањата на ИТ и дигиталната индустрија? Каков импакт ќе има овде Qinshift?
-Qinshift Academy e континуитет на цврсто востановен и темелно организиран систем на дизајнирање и имплементација на комплексни едукативни програми. Секако, покрај стандардизацијата и конзистентноста на квалитетот, нашата дејност бара постојано обновување не само на содржината, туку и на методологијата и општо пристапот кон совладување одредена компетенција. Да не зборуваме за тоа колку порасна апетитот и се подигна критериумот кај корисниците за иновативност во изразот, иновацијата и брзината со која се пласира, односно, консумира информацијата. Сепак, она што за среќа е релевантно секогаш и на секој пазар е квалитетот, информираноста, иновативноста и посветеноста на наставниот кадар – менторите, асистентите, експертите по кој веруваме сме и тоа како препознатливи. Qinshift е компанија со големи аспирации да се етаблира како една од водечките технолошки брендови во Европа , па во рамките на истата и ние, како Qinshift Academy имаме амбициозен план да го следиме и помагаме тој раст, но и независно, да претставиме дел од нашите проекти на целосно нови пазари.
Што значи интернационализацијата на СЕДЦ, односно Qinshift Academy? Колку е важно глобалното влијание во областа на ИТ и дигиталните вештини?
-И пред нашето официјално ребрендирање, како СЕДЦ имаме силно присуство во регионот преку повеќе активности и проекти: Во Србија веќе трета година функционира академијата за програмирање, а од минатата ги имаме и DevOps Академијата, Академијата за тестирање софтвер и Академијата за дигитален маркетинг. Претходно, преку нашите регионални партнери EFSE и нивната Tech Boost програма, бевме дел од регионална акцелераторска програма на која учествуваа 20 технолошки ориентирани стартапи, а победникот дојде токму од нашата програма. Со Accelerate 2030, најголемата глобална акцелераторска програма за компании кои имаат општествен импакт излеговме и надвор од регионот и уште еднаш го докажавме квалитетот со изборот на наш глобален финалист во топ 12 стартапи во конкуренција од 260 компании подржани од националните програми. На сите наши онлајн академии, а такви се повеќето, имаме студенти од регионот и од надвор.
Сепак станувањето дел од групација како Qinshift отвора целосно ново поглавје за нас, пред се од аспект на пазари и ресурси на кои е присутна компанијата или пазари на кои има интерес да дејствува. Во таа смисла, нашите цели како едукативен центар ќе ги следат плановите и апетитите на Qinshift, и како провајдер на услуги, но и како посакуван работодавач.
Партнерствата играат клучна улога во успехот на образовните институции. Дали би можеле да споделите какви било претстојни соработки или иницијативи што ќе ги нуди Qinshift Academy за своите студенти?
-Продолжуваат стандардните партнерства со глобални вендори за едукација и тестирање. Microsoft, CISCO, Adobe, EC Council се застапени преку нашите академии. Исто така, авторизиран тестинг центар сме за Pearson VUE, Kryterion, EC-Council, ACi и Certiport тест. Во последните две години обезбедивме и CPD (Continuing Professional Development) сертификација од водечка британска сертификациска компанија со над 27 години искуство во областа на професионалната сертификација. Во моментов интензивно се работи на развојната стратегија за нови пазари во регионот и надвор за која пред сѐ, партнерства ќе се воспоставуваат преку постоечките локации на Qinshift, 28 вкупно низ целиот свет, а интерес за поддршка веќе имаме и од неколку надворешни организации.
СЕДЦ постои 13 години на македонскиот пазар. До сега минале илјадници студенти низ образовниот процес на едукативниот центар. Колку студенти и ментори во моментов се на Академијата, како и дали ќе се одрази врз нив процесот на ребрендирање?
-Со заокружувањето на годинешната генерација, како Qinshift Academy досега броиме повеќе од 20.000 студенти. Новата академска година започна во октомври со што на овие 20.000 им се приклучија нови 600 студенти. На располагање имаме тим од 250 колеги кои се активни ментори, координатори или асистенти. Оперативно, процесот на ребрендирање нема значително да се одрази врз нашите студенти, освен што ќе донесе многу поголеми можности за нивно пласирање внатре за потребите на компанијата која сега брои над 3.500 вработени, се зголемува и диверзифицира и нашиот тренерски кадар, понудата на програми а секако интернационализацијата на брендот ќе даде и поголема тежина и препознатливост на нивните дипломи во цела Европа.
ИТ и дигиталната индустрија е динамична и постојано се развива. Кои се плановите на Qinshift Academy во поглед на справувањето со променливите потреби на овој сектор, односно со пласирање квалитетен кадар на македонскиот ИТ пазар?
-Оваа 2023 беше година на крупни промени на глобалната технолошка сцена, пред се како резултат на економските предизвици на економијата во периодот после пандемијата и потребата од трансформација на работната сила, но и работните модели (remote/hybrid). Во меѓувреме продолжи да расте релевантноста, но и потенцијалните ризици од зголемената употреба на дигиталните медиуми, а со тоа и важноста на податоците и нивната безбедност. Ова секако кулминираше со продорот на генеративната вештачка интелигенција (AI) во сите сфери на работењето и нејзината масовна употреба.
Како резултат на ова, побарувачката за дигитални вештини многукратно се зголеми. Оттука би рекла, потребата од промени стана наше секојдневие и како тренинг центар постојано следиме трендови и тестираме концепти. Огромен е притисокот веднаш штом се креира врева околу некој тренд, истиот да се најде на менијата на тренинг центрите. Се трудиме да најдеме баланс меѓу тајмингот и добро сработената „домашна работа” за навистина да понудиме употребливо знаење, а не само маркетиншки да креираме очекувања.
Македонскиот ИТ пазар ги следи глобалните трендови во „менаџирањето на таленти”, посветува големо внимание на селекцијата и развојот нa работната сила и често придонесува и во нашата работа преку иницијативи за студентски проекти со што заедно создаваме квалитетно образование.
Колку сте задоволни од постигнатото и кои се идните проекти како Qinshift Academy?
-Ја завршуваме годината со импозантна бројка од 20 000 студенти и поподготвени од кога било, започнуваме ново, се надевам уште поблескаво поглавје. За нас 2024 ќе биде година на адаптирање и развој на проекти за меѓународниот пазар. Во меѓувреме течат локалните и регионалните активности за вкупно 600 студенти кои учебната година ја започнаа во октомври оваа година и очекуваме да го заокружат процесот до наредниот октомври. Тој период ќе се поклопи токму со лансирањето на 2 нови академски програми наменети за европскиот пазар. На домашен терен ќе пилотираме напредно ниво во Академијата за програмирање наменета за веќе активни професионалци од ИТ индустријата. Понатаму, ја надградуваме и дигитализираме постоечката платформа за соработка со компании во насока на уште поефикасен развој на студентските проекти како модел за рано регрутирање. Нема да изостанат ни настани за вмрежување и промоција на интересни новини и личности од регионалната и светската сцена кои имаат цел да ја анимираат токму сцената на креативни и дигитални индустрии во регионот.