Итноста на напорите е директно поврзана со предложениот прекин на борбите и ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во Газа за што преговараат САД, Катар и Египет.
Во извештајот, кој се повикува на американски и арапски функционери, се наведува дека клучот на планот и неговото објавување би било постигнување почетно примирје меѓу Израел и Хамас.
Во текот на оваа пауза, која би траела најмалку шест недели, САД планираат да го објават извештајот, да преземат почетни чекори кон негова имплементација, вклучувајќи формирање привремена палестинска влада и да се обидат да придобијат понатамошна поддршка за потегот.
„Клучен е договорот за заложниците“, кажал еден американски функционер.
Меѓутоа, во извештајот се вели дека е нејасно дали Израел ќе се сложи со таквиот потег.
Предложениот план вклучува чекори кои Израел претходно ги одбил, а малку е веројатно дека ќе ги одобри актуелната влада, вклучувајќи евакуација на многу населби на Западниот брег и палестинска престолнина во источен Ерусалим.
Дури и додека Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и палестинските претставници, покрај САД, работата на постигнување договор, постојат стравувања дека најавениот израелски напад на Рафа ќе ја забрза кризата во Газа и ќе ги поткопа напорите за долгорочен мир, наведува Вашингтон пост.