„Постојат економски алатки за влијание, постојат секако и воени алатки за влијание“ кои САД би можеле да ги користат против Путин, рече Ванс во интервју за весникот.
„Има безброј формулации, конфигурации, но за нас е важно Украина да има суверена независност“, рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп завчера разговараше за војната со рускиот претседател Владимир Путин и одделно со украинскиот претседател Володимир Зеленски и им наложи на американските власти да започнат преговори за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт.
Телефонските повици дојдоа набргу откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет им кажа на воените сојузници на Украина во Брисел дека враќањето на границите на Украина од пред 2014 година, пред Русија да го анектира Крим, е нереално и дека САД не го гледаат членството на Киев во НАТО како дел од решението.
Украинците вчера беа загрижени дека Трамп се подготвува да ја продаде нивната земја по телефонскиот повик со Путин. Претходно денеска Трамп изјави дека Украина ќе биде вклучена во мировните преговори со Русија. Тој им рече на новинарите во Белата куќа дека Украина ќе има место на масата за време на какви било мировни преговори со Русија за ставање крај на војната.
Киев рече дека би било прерано да се разговара со Москва на денешната безбедносна конференција. „Мислам дека од ова ќе произлезе договор што ќе шокира многумина“, изјави Ванс, пренесе Волстрит журнал.
Претседателот е отворен за сите опции, рече Ванс. „Тој ќе рече: Сè е на маса, ајде да се договориме“. Потпретседателот Ванс исто така рече дека Трамп може да го промени своето мислење во зависност од тоа како ќе се одвиваат преговорите.
„Претседателот Трамп може да каже, погледнете, ние не го сакаме ова, можеби нема да ни се допадне, но подготвени сме да го вратиме на маса ако Русите не се добри преговарачки партнери или има работи кои им се многу важни на Украинците, а ние можеби сакаме да ги тргнеме од маса“, рече тој.