четврток, 12 септември 2024

Унгарија им нуди бесплатни билети во еден правец за Брисел на мигрантите кои сакаат да влезат во ЕУ

Унгарската влада ќе им обезбеди билети во еден правец за Брисел на сите мигранти и баратели на азил кои се обидуваат да влезат во Европската Унија, соопшти шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан Ѓерѓели Гуљаш, како одговор на големите парични казни кои неодамна ѝ беа наметна ти на таа земја поради нејзината рестриктивна политика на азил.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи на конференција за новинарите во Будимпешта, Гуљаш ја критикуваше јунската одлука на Европскиот суд на правдата со која на Унгарија ѝ е наложено да плати казна од 200 милиони евра поради кршење на правилата на блокот за азил и дополнителни милион евра дневно додека не донесе соодветни одлуки во согласност со правото на ЕУ.

„Брисел сака по секоја цена да нè натера да пуштиме мигранти“, кажа Гуљаш. Тој ги осуди казните кои Унгарија ги доби поради својот систем за азил, кажувајќи дека „Унгарија не сака да ја плаќа оваа казна на неодредено време, па ќе им овозможиме на луѓето да влезат ако сакаат и ќе им понудиме билет во еден правец за Брисел. Ако Брисел сака мигранти, ќе ги добие“, додаде тој.

Унгарската влада зазема тврд став кон мигрантите откако повеќе од милион луѓе влегоа во Европа во 2015 година, повеќето од нив бегајќи од конфликтите во Сирија и Авганистан. Земјата крена огради со бодликава жица на своите јужни граници со Србија и Хрватска како и неколку транзитни зони за задржување на барателите на азил на границата со Србија. Тие транзитни зони од тогаш се затворени.

ЕУ ја критикуваше Унгарија поради нејзиниот тврд систем за азил и побара од највисокиот суд на ЕУ да ја казни Будимпешта бидејќи ги присилува луѓето кои бараат меѓународна заштита да патуваат во нејзините амбасади во Србија или Украина за да поднесат барање за дозвола за патување, што претставува кршење на правилата на ЕУ кои ги обврзуваат сите земји членки да имаат заеднички процедури за давање азил.

Премиерот Орбан, кој речиси постојано е во конфликт со Брисел, претходно вети дека Унгарија нема да ја смени својата политика за миграции и азил, без оглед на пресудите на Европскиот суд.

Заканата на Унгарија дека ќе ги проследи мигрантите во Брисел потсетува на потезите на републиканските гувернери во САД, кои од 2022 година со автобуси и авиони ги превезуваа мигрантите без документи во упориштата на демократите како Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго, во знак на протест поради федералните процедури за азил.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ