„Почитувани пријатели, со тага ве известуваме дека нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ не напушти. Почивај во мир драг наш Боки“, стои во објавата на Рибља чорба на Фејсбук.
Тој почина во болницата во Љубљана како последица од тешко воспаление на белите дробови. Последните години живееше во Љубљана каде стапи во својот трет брак, со Дубравка Милатовиќ, и таму се пресели од Белград. Соседите го опишуваат како многу културна и пријатна личност.
Рибља чорба ги имаше откажано сите настапи поради неговата здравствена состојба.
Борислав Ѓорѓевиќ, Бора, попознат како Бора Чорба, е роден на 1 август 1952 година во Чачак, Србија. Беше еден од основачите на групите Рани мраз и Сунцокрет, а врвот на кариерата е Рибља чорба, која тој ја основа, каде е пејач и автор на песните и текстовите.
Првиот албум на Рибља чорба „Коска во грлото“ беше издаден во 1979 година, по што оваа група веднаш стана една од најважните на југословенската рок-сцена.
Беше контроверзна личност, но поет со огромен талент, рокер кој низ неколку стихови знаеше да точно во суштината да критикува негативности во општеството.
Неговите песни како Кукла од насловната страница, Види си го домот, ангелу и Два динари, друже… станаа химни на генерации.
Во текот на 1990-те, Бора Чорба јавно го поддржуваше режимот на Слободан Милошевиќ и беше близок до Српската радикална партија (СРС) и нејзиниот лидер Воислав Шешељ. Подоцна стана и критичар на тој режим.
Тој ја критикуваше меѓународната заедница, НАТО и западните земји, особено за време на НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 година. По падот на режимот на Милошевиќ, Бора продолжи да ги искажува своите политички ставови, поддржувајќи различни политички партии и личности во Србија кои имаа радикални или националистички ставови.
Неговиот однос кон политиката се промени со текот на годните.
Во јуни годинава тој беше награден од Милорад Додик, за „исклучителни заслуги за Република Српска“.