Говорејќи за Би-би-си, тој рече: „Ова што се случува е неверојатно. Ниту во моите најлоши кошмари не можев да замислам дека Трамп може да ја запре воената помош за Украина во време кога ни е најпотребна“.
Мережко смета дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ги турне Украина и Европа настрана за да постигне договор со Русија.
„Мислам дека господинот Трамп треба сериозно да размисли како ќе остане запаметен во историјата. За мене ова е ден што ќе остане во историјата како срамен“, заклучи тој.
Сепак, вели Би-би-си, сѐ уште нема реакција од клучните играчи во војната во Украина на соопштението на Белата куќа во текот на ноќта дека САД ја прекинуваат воената помош за Украина.
Самиот Доналд Трамп не ја коментираше веста, ниту претседателот на Украина, Володимир Зеленски, сѐ уште не коментирал, ниту пак Русија, вели британскиот медиум.
Очите ќе бидат вперени и кон НАТО, ЕУ, Кир Стармер и другите европски лидери.
„Европа може да се снајде без американска воена помош“
Поранешен украински заменик-министер за одбрана инсистираше дека Европа може да ја пополни празнината во воената помош што ја оставија САД.
Володимир Харвилов, кој ја вршеше оваа улога меѓу 2022 и 2023 година, вели дека Европа е „во подем“ и дека може да ѝ обезбеди на Украина „оружје и повеќето секојдневни потреби“.
„Европа ќе може да ја поддржи Украина наместо САД“, изјави тој денес за Би-би-си.
Тој нагласува дека Украина е „многу благодарна“ за американската помош добиена помеѓу 2022 и 2024 година и дека комуникацијата со администрацијата на Трамп ќе продолжи „на сите нивоа“.
Харвилов додаде дека Украина ќе разговара со своите европски сојузници како да ги набави „софистицираните системи“ што моментално само САД можат да ги испорачаат.