Средномесечната температура се движеше од 18,2 степени во Лазарополе до 28 степени во Гевгелија. Споредено со просечните августовски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодинешната температура беше 1,8 степени надпросечна на ниво на држава.
„Највисоката максимална температура беше измерена на 16 август во Демир Капија и изнесуваше 42,2 степени. Забележено е од 11 до 18 август појава на топлотен бран. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Берово, на 1 август и изнесуваше 8,5 степени“, соопшти УХМР.
Оттаму посочуваат дека во месец август 2024 година, месечната сума на врнежи во државата се движеше од 10 милиметри во Битола до 53 милиметри во Крива Паланка. Врнежите беа од дожд и град. Максимално дневно количество на врнежи од 35 милиметри беше регистрирано во Крива Паланка на 20 август.
Споредено со августовската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), додаваат од УХМР, измерената месечна сума на врнежи беше помала за 30 отсто од просечната на ниво на држава.