вторник, 3 декември 2024

Уапсени полицајци, одавале службени тајни на криминална банда од Скопје

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за корупција, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), поднесе кривична пријава против Д.Г., Е.А. сега пензионирани полицајци и О.П., сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, одавање службена тајна, попречување на правдата и противправно стекнување и прикривање имот, соопштија од МВР и од ОЈО ГОКК.

Објавено на

часот

Сподели

Пријавените Д.Г. и Е.А., како што е наведено во соопштението, во периодот кога биле вработени во Министерството за внатрешни работи, заедно со О.П., се приклучиле на организирана криминална група за која прибавувале, соопштувале, пренесување или на друг начин овозможувале достапност на податоци што претставуваат службена тајна.

Според соопштението на ОЈО ГОКК, осомничените, од користољубие, се поврзале со организираната криминална група „Дуќанџик“ од скопското село Грчец и како припадници со посебна улога, поттикнати со умисла од првосомничениот во предметот „Грчец“, пренесувале службени информации.

„Во периодот од декември 2019 година до март 2021 година осомничените од кои двајца поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога, преку третоосомничениот за криминалната група прибавувале, пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност, како и за безбедносни и разузнавачки активности на државните органи. За ваквото неовластено откривање со кое предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и органите на прогонот и го отежнувале или оневозможувале обезбедувањето на доказите, осомничените добивале награда“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Бирото за јавна безбедност при МВР во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК, како што се наведува во соопштението на МВР, од октомври 2023 година до јануари 2024 година спроведувало истрага за македонски државјани, кои како членови на меѓународна криминална група, користејќи ја енкриптираната Скај/Ецц (SKY/ECC) апликација договарале и преземале активности за организирање на набавка и пренесување на кокаин од земјите на Јужна Америка до земјите на ЕУ и Македонија и учествувале во извршување на други кривични дела, истрага која заврши со кривична пријава против 16 луѓе. По поднесување на кривичната пријава, Одделот за криминалистичка полиција продолжил со анализа на податоците добиени од Еуропол и Еуроџаст и во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК обезбедиле докази врз основа на кои е дојдено до сознание дека пријавените полицајци ги сториле делата за кои се сомничат.

„Начинот на кој пријавените ги извршувале делата предизвикало штета врз работењето на државните органи во постапките за кривичен прогон на лица, кои се од значење за јавната безбедност, безбедносните и разузнавачките активности на органите, како и прибирање и пренесување на информации кои не се наменети за јавна употреба, а со чие откривање се намалила ефикасноста на работењето на државните органи. На 3 ноември 2024, по преземени оперативно – тактички мерки и активности, како и врз основа на наредби од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домовите на лицата, при што се пронајдени и одземени повеќе мобилни телефони, лап-топ компјутер и разновидна документација. Лицата се лишени од слобода“, се посочува во соопштението од МВР.

Од ОЈО ГОКК појаснуваат дека според содржината на наредбата за истрага осомничените, заедно или поединечно, со информациите што ги споделувале, го отежнале докажувањето во кривичните постапки и тоа за настан случен во декември 2019 година, секој посебно заканувајќи се дека повторно ќе биде нападнат тој или членовит на неговото семејство, влијаеле врз оштетен – жртва на обид за убиство по нарачка, а сега починат, да ја смени изјавата дадена пред овластени полициски службеници, за убиство во месец август 2020 година осомничените споделиле значајни информации за криминалната група, во текот на втората половина од 2020 година осомничените споделувале службени информации за примена на посебни истражни мерки за тогаш актуелно криминалистичко истражување под кодно име „Планина“ во кое беа опфатени лица од оваа организирана група, за настан случен во септември 2020 година во кој петмина беа осомничени за кривично дело грабнување биле пренесени информаци за обезбедените докази и изјави на сведоции задржани лица, за двојно убиство од март 2021 година во Скопје за кое биле пренесени информации кој е задржан во полициска станица, кои активности се преземаат и кои службени лица се вклучени во криминалистичкото истражување.

„Првично обезбедените материјални докази за првоосомничениот упатуваат дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат недвижен и движен имот и штедни влогови, што во големи размери ги надминуваат неговите законски приходи како полициски службеник. Осомничените денеска ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје на кој јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите ќе му предложи да им биде определена мерката притвор“, информираа од ОЈО ГОКК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ