недела, 19 јануари 2025

Турција трупа специјалци и артилерија на границата со Сирија, Курдите бараат помош од САД

Високи американски функционери соопштија дека Турција и нејзините сојузници од исламистичките милиции трупаат сили долж границата со Сирија, предизвикувајќи страв дека Анкара се подготвува за упад со големи размери на територијата која ја држат сириските Курди кои ги поддржува Америка.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Силите вклучуваат турски специјалци и бројна артилерија сконцентрирани во близина на Кобанe, градот со мнозинско курдско население во Сирија на северната граница со Турција, соопштија функционерите, додавајќи дека турска прекугранична операција може да е неизбежна.

Трупањето на силите, кое почна по падот на режимот на претседателот Башар ал Асад на почетокот на декември, личи на потезите на турската војска пред нејзината инвазија на североисточна Сирија во 2019 година. „Фокусирани сме на тоа и бараме воздржаност“, кажал еден американски функционер.

Илхам Ахмед, функционер на цивилната управа на сириските Курди, го предупредил новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека турската воена операција е веројатна, повикувајќи го да изврши притисок врз турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да не испраќа трупи преку границата.

„Целта на Турција е да воспостави фактичка контрола врз нашата земја пред да ја преземете должноста, присилувајќи ве да соработувате со нив како владетели на нашата територија. Ако Турција продолжи со инвазијата, последиците ќе бидат катастрофални“, напишал Ахмед во писмото до Трамп кое го објави Волстрит џурнал.

Заканата од Турција ги става Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите, кои ги чистат остатоците од Исламска држава во североисточна Сирија, во ранлива позиција неколку недели пред администрацијата на Џо Бајден да ја напушти должноста.

Турска инвазија би раселила повеќе од 200.000 курдски цивили само во Кобане, предупредува Ахмед, заедно со многу христијански заедници.

„Веруваме дека имате моќ да ја спречите оваа катастрофа. Претседателот Ердоган претходно ве слушаше и веруваме дека повторно ќе ги послуша вашите барања. Вашето решително лидерство може да ја сопре оваа инвазија и да ги зачува достоинството и безбедноста на оние кои без ваши цврсти сојузници во борбата за мир и безбедност“, заклучува Ахмед во писмото до Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ