„Турција, која ја предводи Реџеп Таип Ердоган, не може да продолжи да ги развива односите со Израел. Во моментот немаме никакви односи со Израел. Не преземаме никакви чекори да ги обновиме овие односи“, им кажа Ердоган на новинарите по враќањето од Азербејџан.
Ердоган, исто така, изрази надеж дека Турција би можела да ги обнови врските со сирискиот претседател Башар ал Асад, што според него би придонело кон намалување на регионалните тензии.
„Обновувањето на односите со Асад ќе биде корисно за намалување на тензиите во регионот“, кажа тој, додавајќи дека тоа ќе се случи во иднина.
Зборувајќи за новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, Ердоган изрази загриженост поради некои пораки кои доаѓаат од неговата администрација, но истакна дека се надева дека Трамп за време на својот мандат ќе преземе чекори кои ќе бидат во прилог на Блискиот Исток.
Од самиот почеток на војната на Израел во Појасот Газа Турција ги осудува акциите на Тел Авив и го обвинува за масакри врз палестинските цивили. Анкара повеќе пати повика на прекин на војната и бара засилен притисок врз израелската влада. На почетокот на мај турското министерство за трговија објави целосен прекин на трговијата со Израел.