вторник, 18 март 2025

Трипуновски задоволен од откупот на тутунот, од утре најавува исплата на субвенциите за лозарите

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска најави дека во текот на утрешниот ден ќе почне исплатата на субвенциите за лозарите. По средбата со земјоделците во Битола, Трипуновски уште еднаш порача дека директната поддршка за производителите ќе се реализира според предвидената динамика.

Објавено на

часот

Сподели

„Наше ветување и обврска е субвенциите да се исплаќаат согласно календарот. Тоа значи, за сите лозари кои ги чекаат субвенциите, дека во текот на утрешниот ден ќе почне исплатата. Утре е и празник, Ден на лозарите. Обврската што ја преземавме, ќе ја спроведуваме доследно“, истакна Трипуновски.

Министерот потсети и дека од вчера е објавен и новиот ИПАРД-повик, кој ќе трае до 29 март.

„Од понеделник со Платежната и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството ќе почнеме промоција на мерката. Ќе ја посетиме секоја рурална општина во рамки на инфо- деновите и ќе ги презентираме потребните информации. За секој што нема да успее да присуствува ќе се обидеме на максимално располагање да бидат и нашите подрачните единици. Интенцијата е максимално искористување на расположливите над седум милиони евра“, потенцира министерот.

Министерот Трипуновски информираше и дека до сега се откупени 24 милиони килограми тутун, а просечната цена е 399,87 денари. Тој истакна дека е задоволен од откупот, како и дека веднаш по завршувањето на законскиот рок за преземање на количините, треба да почне подготовката за наредната реколта.

„Наближуваме до крајот на законскиот рок за откуп на тутунот. Досега се откупени 24 милиони килограми, а просечната цена е 399,87 денари, или речиси 400 денари, а со субвенцијата што ќе ја исплатиме ќе заокружиме 500 денари. Она што е откупено и исплатено е речиси 98 проценти. По завршување на откупниот рок ќе се исплтат субвенциите. Задоволен сум како течеше откупот и мислам дека веднаш по неговото завршување ќе треба да се подготвуваме за идната сезона“, нагласи министерот.

Тој изрази надеж и очекува, како што нагласи, земјоделците да ги користат субвенциите за зголемување и унапредување на производството. Потсети и дека Владата минатата година најпрво ги исплаќала заостанатите долгови, а годинава предвидува реформа во овој сегмент. Засилени ќе бидат, најави Трипуновски, и инспекциските контроли.

„За една година не можеме да направиме радикален рез во субвенционирањето. Годинава почнуваме реформа во овој сегмент, но ќе продолжиме и во 2026 година. Парите што ги даваме како држава треба да имаат сериозен ефект во делот – не само на враќање на производствцото, туку и на негово поттикнување да оди во нагорна линија, за домашна употреба, или за извоз. Очекувам земјоделците да ги употребат субвенциите за производство и за обнова, за вистинската намена за која ги добиле. Убеден сум дека вистинските земјоделци ги користат за таква намена. Со сите контроли кои годинава ќе бидат засилени, ќе ги елиминираме сите злоупотреби. Лани откривме многу корисници на субвенции кои не се вистински земјоделци. Годинава Инспекторатот за земјоделство ќе го ставиме на располагање на Платежната агеција, со што ќе се зголеми бројот на контроли. Парите мора да завршуваат кај вистинските земјоделци“, подвлече Трипуновски.

Тој упати и порака до раководителите на сите подрачни единици, дека политиките на министерството мора да стигнат до секој земјоделец.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ