петок, 4 октомври 2024

Три години и еден месец казна затвор за сопственикот на интернет страницата ДоказМ

Објавено на

часот

Сподели

„За секое од кривичните дела уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и уцена, му се утврдува по една година затвор. Единствена казна од 3 години и 1 месец“, кажа судијката Марија Клетничка Марковска. .

За кривичното дело злоупотреба на лични податоци, Стаменковски доби казна од 5.000 евра односно 250 дневни глоби.

„Му се изрекува забрана да врши регистрација на домеин, или да биде сопственик на портал во МАРНЕТ сметано за период од 10 години. Ова подразбира и престанок на сите домени, каде Стаменковски се јавува како сопственик во МАРНЕТ“, додаде судијката.

Сметаме дека е изречена висока казна за дела коишто во текот на целокупната постапка како одбрана наведувавме дека нема елементи на истите и не се исполнети законските битија. Ова за нас не е конечна пресуда, дефинитивно ќе го искористиме законското право на жалба, најави одбраната на Марјан Стаменковски.

Како по однос на жалба на пресудата, одбраната, исто така, најави и жалба на решението со кое е продолжен притворот на Стаменковски.

„Со оглед дека навистина му е влошена здравствената состојба и има добиено шеќер, веќе влегува во некоја група на инсулинска терапија, каде што дефинитивно третманот не може да биде соодветен во условите каде што моментално се наоѓа“, изјави бранителката на Стаменковски, адвокатката Марија Петрезанова. 

Петризанова, исто така, посочи дека во однос на тоа дека постојат елементи за чисти навреди и клевети, од страна на оштетените не биле поднесени соодветни граѓански постапки за граѓанска одговорност.

„Конкретно за овие оштетени, кои се јавуваат во оваа постапка не претходеа претходно постапки за граѓанска одговорност, а за останатите не сме запознаени“, изјави Петрезанова.  

Една од петте оштетени во овој случај, новинарката на „Фокус“, Ирена Мулачка за МКД.мк вели дека казната е очекувана.

„Иречената казна од три години е очекувана. Задоволна сум од одлуката на судот затоа што по толку вулгарности и гадости што излегоа на неговата интернет страница, редно време беше да му се стави крај. А, уште позадоволна сум што му е изречена забрана за вршење на дејност. Со ова, на некој начин е задоволена правдата. Верувам дека тоа ќе биде памет за сите други кои преку рекет сакаат да го уништат и тоа малку што остана од новинарството“, вели за МКД.мк новинарката на „Фокус“, Ирена Мулачка која е една од оштетените во овој случај.

Поради сите последици кои ги поминало нејзиното семејство, Мулачка вели дека ќе бара отштета од Стаменковски.

Стаменковски беше обвинет а сега и осуден дека преку неговата интернет страница ДоказМ, како средство за извршување, ги сторил кривичните дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и „злоупотреба на лични податоци“. Тој тоа го сторил на начин што објавувал невистинити содржини за оштетените со што го нарушил нивниот углед и нивната чест.

Токму затоа судењето беше затворено за јавноста затоа што на рочиштата беа изнасувани податоци за личните и интимните работи на оштетените. Како што кажа на почетокот обвинителката Зорица Павловиќ на овој начин се штити приватниот живот на оштетените.

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот Стаменковски од повеќе оштетени во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговата интернет страница. 

Инаку скопското јавно обвинителство ја прошири истрагата за сопственикот на ДоказМ откако по отворањето на овој случај пристигнаа пријави и од други граѓани кои сметаат дека се оштетени од пишувањата на Стаменковски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ