понеделник, 16 септември 2024

Tри документарни филмови на претпоследната вечер на МакеДокс

Јубилејното 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се ближи кон крајот. Претпоследната вечер, денеска, главно е посветена на програмата „Нови автори“, а ќе бидат прикажани и три кратки документарни филмови кои се реализирани во рамки на школата за документарен филм „Докуникулци“. Претходно на платото пред Музејот на Македонија, беше прикажан документарниот филм „Сјајот на ѕвездата“ посветен на кариерата на македонскиот борач Шабан Сејдиу во режија на Марија Џиџева и музика на Андреј Татарчевски. Продуцент е Александар Трајковски.

Објавено на

часот

Сподели

Во објектот Куршумли ан, во 21 часот, ќе биде прикажан краткиот филм „Како болно жолта“ на косовската авторка Норика Сефа, а во истиот блок е и долгометражниот документарен филм „Холивудгејт“ (Германија, САД / 2023 / 91мин.). Кога САД се повлекоа од својата 20-годишна „бесконечна војна“ во Авганистан, Талибанците одново презедоа контрола над опустошената земја и веднаш најдоа американска база полна со оружје – само дел од повеќе од 7 милијарди американски долари во наоружување, кои сѐ уште се во земјата. Режисерот Ибрахим Наш’ат поминува една година во Авганистан, следејќи ги Талибанците додека тие ги присвојуваат тајните резерви на оружје што Американците ги оставиле и се преобразуваат од една фундаменталистичка паравоена група во тешко оружен воен режим. Режијата на „Холивудгејт“ е на Ибрахим Наш’ат, сценаристи се Ибрахим Наш’ат, Талал Дерки и Шане Борис, а монтажата е на Атанас Георгиев и Марион Тур.

 

Во терминот од 23 часот во Куршумли ан на програмата е филмот „Кој ќе затропа на мојата врата“ (Србија, Босна и Херцеговина / 2024 / 84 мин.) на Маја Новаковиќ. Во срцето на Босна и Херцеговина, Емин, кој е на залезот од својот живот, макотрпно работи со својот верен коњ. Среде големи студови и сурови услови, бара утеха и топлина во прегратката на природата и наоѓа краткотраен спокој во споделувањето на своето бреме со својот единствен пријател. Приказна за човекот и тагата како универзално човечко искуство, кое може да нè осамува, но и да нè поврзува.

На Плато пред Музеј на Македонија, во терминот од 20.30 часот, на програмата се краткиот филм „Помпеја“ (Шпанија / 2023 / 10 мин.) на Марија Кастан де Мигуел и долгометражниот „Да славиме довека“ (Словенија, Италија, Полска, Србија, Австрија / 2024 / 87 мин.) на Маја Доротеја Предлог.

Филмското платно во Сули ан, исто така, ќе биде исполнето со новите гласови во документарниот жанр. Во терминот од 20.30 часот е долгометражниот филм „Амор“ (Италија, Литванија / 2023 / 101 минута) на Вирџинија Елеутери Серпиери. На еден надреален начин, режисерката Серпиери ја преобмислува смртта на својата мајка, која зачекорува во водите на реката Тибар и е проголтана од амбисот.

Три кратки документарни филмови, кои се реализирани во рамки на школата за документарен филм „Докуникулци“ на „МакеДокс“, ќе бидат прикажани во Сули ан во терминот од 22.30 часот. На програмата се филмовите „Хелоу Алекс“ на Александра Петровска, „Винил вртлог“ на Марко Иван Кочишки и „Уживајте во кањонот“ на Калин Маџовски.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Петнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.

Претходно на платото пред Музејот на Македонија, беше прикажан документарниот филм „Сјајот на ѕвездата“ посветен на кариерата на македонскиот борач Шабан Сејдиу. Сејдиу е борач, шампион, четирикратен олимпиец. Тој е еден од најголемите и најуспешни спортисти во Македонија. Филмот е спортска приказна што го покажува патот на едно мало дете од Скопје, кое го освојува светот со својата целосна посветеност на борењето. Режисерка на филмот е Марија Џиџева, а музиката ја компонираше Андреј Татарчевски. Продуцент е Александар Трајковски. На премиерата беше присутен и самиот Сејдиу кој по прикажувањето на премиерата на филмот одговараше на прашања на присутната публика.

Медиумски покровители на „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Трн.мк и Култура Бета.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ