Како што изјави во петокот Даница Блажевска од Рептил маркети, претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи. Сметаат дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на цените на 100 до 200 производи кои се најнеопходни за секојдневното живеење што ќе биде видливо за граѓаните.
Шеќерот, маслото, брашното, млекото, пилешкото месо, да бидат со маржа од 3 проценти. За лебот, тестенините, оризот, за солта, за кафето, оцетот, за квасецот, рускиот чај, урдата, видови сирење, кашкавал, јајца, ајвар, зеленчук, овошје, пиво, бело и црвено вино, како и за дел од средствата за хигиена – прашок, паста за заби, тоалетна хартија, и друго, трговците предлагаат маржа од 10 до 15 проценти. Од Стопанска комора за трговија на мало и големо, каде ја подготвија листата, сметаат дека цените можат да ги намалат и предлагаат да има поевтинување на околу 150 продукти, а мерката да важи од 22 март до 22 април, со што би биле опфатени и претстојните празници Рамазан и Велигден.
Ваквиот предлог на Комората на трговци доаѓа откако Владата го задолжи Министерството за економија да изготви предлог-одлука за ограничување на маржите на 10 проценти во трговијата на мало и на големо по што од Комората побараа итна средба со Владата укажувајќи дека доколку се реализира одлуката, ќе бидат принудени да отпуштаат вработени и да ги затворат маркетите.
Предлог-одлуката на Владата уследи по двата граѓански бојкота за пазарање по маркетите поради зголемувањето на цените на основните прехранбени производи.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.
Со pредлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.