Трамп потврди дека Зеленски ќе го посети Вашингтон в петок за да го потпише договорот.
„Нема да дадам поголеми безбедносни гаранции… Европа ќе мора да го направи тоа, бидејќи Европа е нивен сосед“, рече Трамп. Тој додаде дека САД ќе соработуваат со Украина „во однос на ретките минерали“. „Нам многу ни требаат ретки метали, а тие ги имаат во изобилство“, рече Трамп. Тој нагласи и дека тоа е „одличен договор и за Украина, бидејќи тоа значи дека ние ќе дојдеме, ќе работиме таму“.
Договорот, според кој Киев ќе насочи дел од приходите од минералните суровини кон фондот што е заеднички контролиран со Соединетите Држави, е од клучно значење за напорите на Украина да добие силна поддршка од Трамп, бидејќи тој се обидува брзо да ја заврши војната со Русија.
Трамп, исто така, вчера во својот говор по состанокот на владата рече дека Украина може да „заборави“ на влегување во НАТО. „Може да заборавите на тоа. Веројатно тоа е причината поради која почнало сето ова“, изјави американскиот претседател за новинарите.
На прашањето на новинарите што мисли за рускиот лидер Владимир Путин, Трамп рече дека „тој е многу паметен човек, многу лукав човек“ и додаде дека Путин немал намера да ја заврши војната додека тој не се вратил во Белата куќа.
„Да не бев избран јас, тој ќе продолжеше да ровари низ Украина“, рече тој. „По одреден временски период, многу луѓе ќе беа убиени“. На прашањето дали Путин ќе мора да направи отстапки во преговорите за да ѝ се стави крај на војната, Трамп одговори: „Да, ќе мора… Ќе биде принуден на тоа“.
Преговорите меѓу САД и Русија, на кои Киев досега не учествувал, продолжуваат денеска во Истанбул, а според информациите, на дневен ред не се безбедносни прашања или војната во Украина, туку формирање дипломатски претставништва.
Зеленски претходно вчера на прес-конференција изјави дека најважно е што сегашниот нацрт-договор не ја претставува Украина како должник што ќе треба да врати стотици милијарди долари за претходната воена помош.
„Овој договор може да биде дел од идните безбедносни гаранции… Договорот е договор, но ние треба да ја разбереме пошироката визија“, рече тој во Киев. „Договорот може да биде огромен успех или може да помине тивко. А големиот успех зависи од нашиот разговор со претседателот Трамп“.
Копија од договорот, која ја видел Ројтерс и датира од 25 февруари, не содржи конкретни безбедносни гаранции, но ги споменува напорите на Киев да ги добие.
„Владата на Соединетите Американски Држави ги поддржува напорите на Украина да ги добие безбедносните гаранции неопходни за воспоставување траен мир“, се наведува во документот.
Претходно вчера, претставник на Белата куќа изрази сомневање дали поканата до Зеленски за средба со Трамп воопшто има смисла, со оглед на изјавите на Зеленски дека договорот за минерали сè уште не е завршен.
„Ако украинскиот лидер вели дека договорот не е финализиран, не гледам зошто поканата би имала смисла“, рекол функционерот за Ројтерс. „Се очекува тој со своето доаѓање да го потврди конечниот став (за договорот за минерали), а тој, според неговите зборови, сѐ уште не зазел конечен став.“
Официјалниот претставник рече дека последните изјави на Зеленски укажуваат дека договорот за минерали сè уште не е довршен.
Според текстот на договорот, насловен „Билатерален договор за воспоставување на условите за инвестицискиот фонд за обнова“, Украина би учествувала со 50 отсто од „сите приходи остварени од идната монетизација на сите релевантни природни ресурси во сопственост на украинската влада“.
Зеленски рече дека точните износи и инвестиции ќе бидат дефинирани во посебен договор за основање на фондот. Според текстот на договорот што го видел Ројтерс, тие приходи би биле насочени кон фонд во заедничка сопственост и би биле управувани и од САД и од Украина.
Договорот не прецизира точно за какви ресурси станува збор, но прецизира дека тие ќе вклучуваат наоѓалишта на минерали, нафта, природен гас и други материјали што може да се експлоатираат, како и инфраструктура како што се ЛНГ-терминали.
Листата на овие ресурси ќе биде утврдена со иден договор за фондот, додека во документот не е прецизирано колку пари ќе се генерираат за САД ниту во која временска рамка.
Трамп првично го предложи договорот за да им помогне на САД да си вратат 500 милијарди долари од американската воена помош дадена за Украина во форма на грантови, бројка на која Киев жестоко се спротивстави, тврдејќи дека далеку го надминува реалниот американски придонес.
„За мене главно е тоа што ние не сме должници. Во договорот нема долг од 500 милијарди долари, ниту 350 милијарди долари, ниту 100 милијарди долари, бидејќи тоа би било неправедно“, рече вчера Зеленски.
Украинскиот премиер Денис Шмигал рече дека Вашингтон ќе се обврзе да ги поддржи напорите на Киев да добие безбедносни гаранции како дел од финализираниот договор.
Во изјавата наменета да ги смири загрижените Украинци, Шмигал истакна дека Украина никогаш нема да „потпише или разгледа… колонијален договор што не ги зема предвид интересите на државата“.