Во соопштението е со конкретни бројки изразена одлуката на новата администрација да елиминира најголем дел од американската развојна и хуманитарна помош во странство.
Најавените кратења покажуваат дека ќе останат многу малку проекти на УСАИД.
Администрацијата на Трамп ги претстави плановите во внатрешен допис, кој го видела агенцијата АП, и во поднесоците упатени вчера во една од федералните тужби што ги оспоруваат мерките.
Врховниот суд интервенираше во случајот доцна во средата и привремено го блокираше судскиот налог со кој се бара ослободување повеќе милијарди долари странска помош до полноќ, пренесува АП.
Вчерашните дописи даваат идеја за степенот до кој новата американска администрација ја намалува надворешната развојна помош и отстапува од децениската политика на САД дека странската помош им служи на американските интереси преку стабилизирање други земји и економии и градење сојузи.
Во меморандумот се вели дека се расчистува фрлањето пари и дека се планираат дополнителни промени во начинот на кој УСАИД и Стејт департментот ќе обезбедуваат странска помош на начин што „мудро ги користи доларите на даночните обврзници и ги унапредува американските интереси“.
Како што е наведено во еден од судските документи, американскиот државен секретар Марко Рубио, од кого зависи УСАИД, одлучил, откако неговите служби ги прегледале програмите, целосно да укине речиси 5.800 програми за финансирање одобрени од агенцијата низ светот, а да задржи нешто повеќе од 500.
Покрај тоа, околу 4.100 програми за финансирање на Стејт департментот се откажани, а околу 2.700 се задржани, соопшти администрацијата на Трамп.
Трамп и неговиот сојузник Илон Маск, задолжен за Министерството за владина ефикасност, удрија на странската помош потешко и побрзо отколку на што било друго во нивните напори да ја намалат федералната влада. Обајцата велат дека проектите на УСАИД ја унапредуваат либералната агенда и дека се фрлање пари.
На 20 јануари, денот кога ја презеде функцијата, Трамп нареди 90-дневно замрзнување на странската помош и ревизија на тие програми за да се одлучи кои од нив заслужуваат да продолжат.
Замрзнувањето на странската помош прекина илјадници програми финансирани од САД во странство, а Министерството за владина ефикасност на Маск отпушти најголем дел од персоналот на УСАД преку откази или принудни одмори.