понеделник, 10 февруари 2025

Трамп нареди изградба на американска Железна купола

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потпиша извршна наредба да се започне со планирање на систем за воздушна одбрана Железна купола за Соединетите Држави, како оној што Израел го користи за пресретнување на илјадници ракети.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп му нареди на секретарот за одбрана да поднесе план за „ракетен одбранбен штит од следната генерација“ за заштита од балистички, хиперсонични и напредни крстаречки ракети во рок од 60 дена, вклучително и развој на пресретнувачи базирани во вселената.

За време на изборната кампања во 2024 година, Трамп постојано ветуваше дека ќе изгради американска верзија на израелскиот систем Железна купола. Сепак, тој го занемари фактот дека израелскиот систем е дизајниран за закани од краток дострел, што го прави несоодветен за одбраната од интерконтинентални балистички ракети, кои се главната закана за САД.

„Во текот на изминатите 40 години, наместо да се намалува, заканата од стратешкото оружје од следната генерација стана поинтензивна и посложена“, се вели во извршната наредба од понеделникот, која укажува на развојот на технологии за лансирање ракети од неименувани противници.

Трамп претходно им кажа на републиканските пратеници собрани во Мајами дека системот ќе биде изграден во САД. Израел го користеше својот систем Железна купола за да соборува ракетите лансирани од регионалните непријатели Хамас во Газа и Хезболах во Либан за време на војната предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

„Тие ги соборуваат речиси сите. Затоа мислам дека САД имаат право да го направат тоа“, рече Трамп на состанокот во Мајами.

Претседателот вчера потпиша неколку други наредби поврзани со американската војска, вклучително и онаа со која се утврдува начинот на кој на трансродовите лица ќе им биде забрането да се приклучат на вооружените сили.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ