сабота, 30 ноември 2024

Трамп може да се кандидира и од затвор

Доналд Трамп, повторно кандидат на американските републиканци за претседател, во последно време е чест посетител на судниците.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во јануари поротата во Њујорк пресуди дека тој мора да ѝ плати на една писателка милиони долари за сексуално вознемирување и клевета, што Трамп го обжали. Тоа беше граѓанска постапка.

Сега Трамп е првиот поранешен претседател што некогаш се соочил со кривично судење.

Почнувајќи од денеска во Њујорк се истражува дали Трамп во екот на кампањата во 2016 година – по која влезе во Белата куќа – платил за да ги закопа приказните за неговиот вонбрачен секс со порноѕвезда.

Тоа е првиот од четирите кривични случаи – два државни, два федерални – што се во тек против Трамп. Второто судење во Џорџија се однесува на обидот да го негира поразот на изборите во државата во 2020 година.

Првиот федерален случај се однесува на тоа дека, наводно, тој свесно шири лаги дека биле наместени изборите, а вториот дека незаконски задржал доверливи документи кога ја напуштил Белата куќа.

Дали Трамп може да биде кандидат доколку биде осуден?

Да. Уставот на САД предвидува само три услови за кандидатите – тие мора да се родени како државјани на САД, да имаат најмалку 35 години и да престојуваат во САД најмалку 14 години.

Постојат аргументи дека лицата што се гонат кривично не треба да бидат кандидати, рече претходно за ДВ Лаура Мерифилд Вилсон, професорка по политички науки на Универзитетот во Индијанаполис.

„Но сите тие аргументи се засноваат на морал и преференции, а не на правни или процедурални пречки“, рече таа.

Може ли Трамп да биде дисквалификуван со 14-тиот амандман?

Но американскиот Устав има амандман додаден по Граѓанската војна, кој вели дека ниедна функција не можат да ја вршат оние што се заколнале дека ќе го почитуваат Уставот, а потоа биле „вмешани во бунт“.

Оние што би сакале Трамп да биде исфрлен од трката веруваат дека овој 14-ти амандман може да се примени поради упадот на Капитол на 6 јануари 2021 година. Тие велат дека лагите што Трамп ги кажал за наводната изборна измама ја поттикнале толпата да го изврши крвавиот упад.

Некои држави, како Колорадо, сакаа од оваа причина да му забранат на Трамп воопшто да учествува на републиканските партиски избори.

Но во март оваа година Врховниот суд го отфрли обидот на Колорадо, наведувајќи дека поединечните држави немаат овластување да спречат некого да се кандидира за федерална функција.

Врховниот суд потврди дека само Конгресот има надлежност за ова прашање. Бидејќи Конгресот е поделен – републиканците го имаат мнозинството во Претставничкиот дом, додека демократите имаат тесно мнозинство во Сенатот – мали се шансите на Трамп таму да му биде забрането да се кандидира.

Дали Трамп ќе смее да гласа ако биде осуден?

Најверојатно не. Бидејќи Трамп е регистриран како гласач на Флорида, каде што осудените граѓани го губат правото на глас. „Повеќето престапници во Флорида си го добиваат назад правото на глас кога ќе ја отслужат целата казна, вклучително и условната казна, или кога ќе ги платат сите казни и задоцнети такси“, пишува Њујорк тајмс.

Но казната или условната казна на Трамп најверојатно нема да истече до ноември, кога ќе се одржи гласањето. Ова би довело до парадокс – човек може да стане претседател, но не може да гласа за себе.

А што ако Трамп оди во затвор?

Никој не знае. „Вакво нешто ни оддалеку никогаш не се случило“, вели Ервин Чемерински, експерт по уставно право од Универзитетот во Калифорнија. „Можеме само да нагаѓаме.“

Законски, Трамп би можел да биде кандидат и од затвор. Но би било голем логистички предизвик земјата да се води од затворска ќелија.

Некои шпекулираат дека во тој случај Трамп би можел да поднесе тужба, тврдејќи дека евентуалната затворска казна го спречува да ги исполни своите должности како претседател на САД.

Може ли Трамп да се помилува себеси?

Теоретски, Трамп би можел да се помилува себеси како претседател или дури да си издаде целосно помилување. Но тоа би било екстремно растегнување на претседателските овластувања и, како случај на врвен непотизам, веројатно би завршил пред Врховниот суд. Таму, пак, конзервативните судии имаат удобно мнозинство од шест спрема тројца.

Друг начин би бил претседателот Џо Бајден, доколку ги загуби изборите, да го помилува Трамп за да не настане вакуум и целосен хаос.

А сепак, тоа може да се однесува само на федералните судења. Затоа што дури ни претседателот нема овластување да помилува некого што е осуден по обвинение на одредена држава, да речеме Њујорк или Џорџија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ