„Мистериозни беспилотни летала низ целата земја… Дали ова навистина може да се случува без знаење на нашата влада? Мислам дека не! Нека знае јавноста, и тоа одма. Во спротивно, соборете ги!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл, пренесе Политико.
Жителите на Њу Џерси со денови објавуваат видеа на социјалните мрежи на кои се гледаат трепкачки светла над нивните глави, за кои се верува дека се некој вид летало, но Министерството за домашна безбедност (ДХС) и ФБИ рекоа дека сè уште не можат да потврдат ниту еден од тие извештаи, наведе порталот.
Агенциите во четвртокот сугерираа дека барем некои од нив најверојатно се обични авиони. ФБИ и ДХС во заедничко соопштение во четвртокот рекоа дека всушност се работи за авиони со екипаж што летаат легално, додавајќи дека не постои позната злонамерна активност во Њу Џерси.
Се чини дека феноменот се проширил и во други држави, па дронови се забележани и во Њујорк и Мериленд, наведе Политко. Официјални лица во американската сојузна држава Њу Џерси соопштија дека повеќе беспилотни летала влегле во воздушниот простор на тамошната поморска воена станица.
Поморската воена станица Ерл, лоцирана во Колтс Нек, Њу Џерси, рече дека е свесна за настаните во регионот и продолжува тесно да соработува со федералните и државните агенции за да се осигура безбедноста на персоналот и операциите, објави Еј-би-си њуз.
„Иако не е идентификувана директна закана, можеме да потврдиме повеќе случаи на неидентификувани дронови кои влегле во воздушниот простор над поморската станица Ерл“, рече Бил Адисон, претставник за односи со јавноста на станицата.
Тој додаде дека базата е подготвена да одговори на сите потенцијални ризици, користејќи силни безбедносни мерки и напредни способности за откривање. Базата не прецизираше кога се случиле инцидентите.