Соединетите Држави ја прекинуваат воената помош за Украина, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп се искара со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба, потврдил денеска за Ројтерс претставник на Белата куќа.
Тие соопштија дека САД ја паузираат и ја преиспитуваат помошта за да се уверат дека таа придонесува кон решението.
„Претседателот јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. Нам ни треба и нашите партнери да ѝ бидат посветени на таа цел“, рече функционер од Белата куќа.
Канцеларијата на Зеленски не одговорила веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
Паузата ќе трае сѐ додека Трамп не заклучи дека украинските лидери покажуваат добра волја да постигнат мир, наведуваат Блумберг и Фокс њуз.
„Ова не е трајно прекинување на помошта, тоа е пауза“, рекол претставник на администрацијата на Трамп за Фокс њуз.
Блумберг објави дека ќе биде паузирана испораката на целата американска воена опрема што во моментов не се наоѓа во Украина, вклучително и оружјето во транзит со авиони и бродови или она што чека во транзитните зони во Полска.
Се додава дека Трамп му наредил на секретарот за одбрана Пит Хегсет да ја спроведе паузата.
Оваа информација се појави само неколку часа откако Трамп им кажа на новинарите во Белата куќа дека не разговарал за прекин на воената помош за Украина, но уште еднаш рече дека Зеленски „требало да биде поблагодарен“ за американската поддршка.
Три години од почетокот на војната, Соединетите Држави вкупно ветија милијарди долари помош за Украина.