сабота, 14 декември 2024

Томовски: Во владиниот ресторан нема веќе јадење и пиење по багателни цени

Одговорност за сите злоупотреби ќе има, внатрешната ревизија е веќе почната и како ги добиваме извештаите ќе ги проследуваме до полицијата и oбвинителството, кои се надлежни да постапуваат, најавува директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски. Тој во интервју за Република објаснува зошто е потребно да се купи нов владин авион и дека веќе нема јадење во рестранот на Владата по дисконтни цени. Томовски уште зборува за државните возила кои стојат во депото на МТВ како и за државните вили кои според него се распаѓаат.

Објавено на

часот

Сподели

За авионот на Владата кој постојано се расипува, Томовски вели дека ќе треба да се купи нов, но за тоа е потребен консензус меѓу власта и опозицијата бидејќи авионот би бил за државни потреби.

„Владиниот авион го затекнавме таков каков што е. Тој е стар 20 години. Досега се потрошени над три милиони евра за сервисирање. Дефектите се многу чести и ако јас се прашувам, ако претендираме да бидеме сериозна држава ни треба државен авион кој ќе го користат сите министри, претседател на Собрание, на претседател на државата. Сега авионот е во возна состојба, променет е инструменот за мерење на издувни гасови. Овој авион е премал, има само шест седишта и не ги задоволува потребите за државата бидејќи кога се оди на некое патување се оди со цела делегација. Потребен ни е авион со 14 и повеќе седишта. Сѐ уште немаме проценка колку би чинел бидејќи за тоа е потребен консензус меѓу власта и опозицијата бидејќи тој ќе биде за државните потреби. Најчесто го користеле поранешниот вицепремиер Бојан Маричиќ, поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи и поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери. Маричиќ сакаше авионот да го употреби до Ниш иако е побрзо и поекономично да отидете со автомобил. Класична злоупотреба имаше и од Џафери. Тој авионот од сервис во Нирнберг го врати во Македонија само поради неговите лични хирови. Иако тој се обиде да демантира јас го повикав Јавното обвинителство да провери“, вели Томовски.

Тој посочи дека за ова е почната ревизија и ако биде констатирана злоупотреба ќе бидат известени Јавното обвинителство, полицијата и Финансиска полиција кои се надлежни да постапуваат понатаму.

Томовски вели дека има поддршка од премиерот Христијан Мицкоски и од другите интитуции за промена на регистарските таблички на службените возила кои во иднина ќе бидат со цврвена и жолта боја и ќе бидат лесно воочливи за граѓаните кои ќе можат да ги пријават ако се користат надвор од работното време.

„За ова да се реализира потребна е промена на два клучни закони, за возила и за работи во општинска и државна сопственост. Практично ќе направиме еден регистар на возила за сите автомобили во државата и специјални таблици во боја. На последната владина седница го доставивме правилникот за таблиците до МВР и потпис на министерот. Потоа ќе биде потребен тендер за изработка на таблиците во боја, црвена позадина со жолти букви како македонското знаме. Ова не очекувам да трае повеќе од три месеци. Потоа ќе дадеме рок на сите институции од 30 до 60 дена да ги променат таблиците. Ќе отвориме и телефонски линии за граѓаните да пријавуваат. Секој граѓанин кога ќе увиди злоупотреба дека службено возило е забележано во Охрид или во Грција да го сликаат и да го пријават до службата“, вели Томовски.

Тој уште вели дека поминало времето на евтино јадење и пиење во ресторанот на Владата, нешто што во минатото беше тема на остри реакции од јавноста.

„Веднаш побаравме зголемување на цените. Од 15 проценти маржа ја кренавме цената на 50. Ако во 2020 година бифтекот чинел 210 денари сега е 730 денари. Мислам дека ова е соодветна цена. Овие услуги не ги користат само функционерите туку сите вработени во Владата и Собранието.

Што се однесува до оставените службени возила во депото на МТВ, Томовски вели дека има околу 220 возила од кои 200 се хаварисани.

„Побаравме дозовола од Владата возилата да бидат расходовани. Околу 50 возила ги ставивме во употреба, додека останатие ќе ги ставиме на продажба за да го исчистиме дворот. Мерцедесот што е набавен во 2012 годинa, претходната власт го користела многу често, го користиме и ние. Покрај владин авион мораме да имаме и вакви возила. Ни доаѓаат делегации за кои треба вакви возила. Кога доаѓаат вакви возила јас го пуштам во употреба и го користиме. Но, морам да кажам дека премиерот не го искористил никогаш“, вели Томовски.

Првиот човек на СОЗР за првпат открива во каква состојба се наоѓаат државните вили во Лазарополе и Охрид како и комплексот Македонско село.

„Вилите се во многу лоша состојба. Сите вили, освен таа во Лазарополе немаат имотен лист. Почнавме постапка за легализација за да можеме да ги легализираме.Тоа се објекти од А категорија и за да се легализираат мора да имаат имотен лист. Вилите во Охрид, претседателската и премиерска се во многу лоша состојба, а таа во Лазарополе е неупотреблива и е пред распаѓање. Ветивме дека сите овие вили ќе ги реновираме и ќе ги ставиме во употреба без разлика дали ќе се користат како владин објект или ќе ги рентаме и ќе наплаќаме закупнина. Како држава мора целиот државен имот да биде репрезентативен, а не каков што сега. Комплекот Македонско село беше отворен во 2016 година, а затворен во 2019 година. За неговото нефункционирање досега се потрошени околу 20 милиони денари. Ветивме дека ќе го пуштиме и постапката е во процедура. Повторно ќе го дадеме на приватник да го работи бидејќи ние како држава не можеме да го сервисираме. Проценката е готова. До крајот на годината ќе го објавиме огласот и ќе може да се пријават сите заинтересирани. Сакаме да оставиме период до мај следната година закупецот да може да го реновира бидејќи комплексот со времето се распаѓа“, вели Томовски.

За објектот на стара Комерцијална банка кој го зафати пожар пред неколку години, Томовски информира дека е почната е постапката за нејзино реновирање, а проектантите кои го изведувале проектот не биле влезени внатре да утврдат фактичка состојба туку проектот го правеле од дома.

„Па така ако треба да најдете скали ќе најдете лифт. Проектот е комплетно промашен. Би биле среќни ако со 20 проценти анекс успееме да го завршиме овој проект. Планот е до февруари-март следната година поголемиот дел од објектот да го ставиме во употреба. За некои проекти нема да бидат потребни големи средства. Еве конкретно за вилата во Свети Стефан кога отидовме да направиме увид не можевме да влеземе, беше обраснато како во џунгла. Го исчистивме дворот од сопствени средства. На пример кога набавуваме колонијални производи за нашите ресторани во минатото тендерот чинел шест милиони денари, а нашиот кој го спроведовме е три и пол милиони. Од старт сме заштедиле два и пол милиони денари. Значи можело и со помалку. Друг случај е со набавка на хартија која што била за два милиони денари, а сега е 930.000 денари. За сите тендери кои ги објавуваме ги олеснуваме условите и со тоа ја зголемуваме конкуренцијата, а ја намалуваме цената. Ние како служба почнавме да правиме ревизија. Како добиваме ревизорски извештаи од нашите внатрешни ревизори така предаваме до Финансиската полиција, полицијата и обвинителството. Тоа се институцијата кои треба да постапат и народот да види дека имало злоупотреби. По тие злоупотреби се постапува. Одговорност ќе има“, вели во интервјуто Томовски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ