За поводите за големиот разговор авторката Даворка Блажевиќ, угледна хрватска новинарка и главна уредничка на овој медиум, забележува: „Томислав Османли е еден од најпродуктивните и најнаградуваните македонски писатели, со силна семејна и уметничка позадина. Иако веќе објавивме дел од неговите раскази во Трис („Мајка“, „Сонот на Ангеле Богев“…) и постигнавме добра соработка, нашата прва средба се случи дури по неодамнешните средби на македонски и хрватски писатели, новинари и публицисти во Шибеник и на островот Зларин, по повод Денот на македонската култура, кога се роди идејата за ова интервју“.
Авторката на интервјуто нашиот автор го претставува како „исклучително интересен, комплексен писател со многу дисперзирани интереси за различни уметнички форми и изрази, но во исто време и многу директен, отворен соговорник, еден од оние луѓе кои и покрај успехот не креваат бариери околу себе за да мистифицираат нивната личност затворајќи се во светот на уметничката фикција. Тој е еден од оние кои за кратко време ви стануваат пријатели, кои ве „купуваат“ со леснотија на разговор „на почетокот“ и ви се отвораат без калкулирање. Едноставни сами по себе и искрени пред другите, колку и да е сложен и слоевит изразот, но без потреба да остават впечаток, да импресионираат, дури и надвор од нивната уметност.“
Интересирањата на Блажевиќ во профилирањето на нејзиниот македонски соговорник се движат од неговите семејни уметнички корени, преку неговите творечки референци, неговите постари како и новите творечки преокупации, неговиот дистописки роман „Брод. Конзархија“, најновиот објавен роман „Столб што пее“ и романот кој тукушто го завршил; размислите за уметноста и посебно оние за општествените, пред сѐ европските контексти и горчливите искуства на македонскиот евроасоцијативен процес…
Последните тематски области во интервјуто на Османли се пласирани во два блока, означени со меѓунасловите: „Дистиписката конзархија, Европа на трите концентрични кругови“ и „Евроспектицизмот на еден еврофил…“.
„Македонија веќе 25 години е кандидат и невина жртва на нејзините поранешни евро-асоцирани соседи кои доведуваат во прашање различни аспекти на нејзиниот идентитет“, забележува Томислав Османли објаснувајќи ги политичките контексти на неговата негативна утопија „Бродот. Конзархија“, и додава: „Но, тие ги откриваат и каприците на бриселската бирократија, која со леснотија дозволува – конзервативниот дел ми се чини и сосем насочено – билатералните спорови и правото на вето да го спречуваат инаку мултилатералниот процес на проширување. Во меѓувреме, внатрешниот круг на Европа започнува, за жал, да тргува со судбините на луѓето, нациите и државите. А ми се чини, и со мирот. Мојата земја е токму жртва на такви бескрајни експерименти и бирократско лицемерие, а мојата книга сака да се занимава со дистописката тема на таквите игри: реалноста и симулакрумот, колективната етика и личниот неморал, барањата за владеење на правото и корупцијата што му се припишуваат на Балканот, што е неспорно, но не сака да се погрижи за подеднакво слична појава на „европскиот“ простор, пред сè во нејзиниот северноевропски центар и престолнини… Секаде пука од оваа корозија“.
Гледате, одговара Османли на директното прашање од авторката на интервјуто „Дали тоа од вас проговара некој вид евроскептицизам, јас веќе станав евроскептик. „Но, во однос на ваквата ‘конзархирана’ еврозаедница. А бев голем еврофил и активен пропагатор на општата и на македонската евроинтеграција. Но, зрелиот дел на мојот живот помина чекајќи ја таа Годоовска евроинтеграција на Македонија. Јас, впрочем, сѐ уште сметам дека таа е најдобрата, инклузивна иднина за перманентно и тенденциозно вознемируваниот Балкан“.
Натаму во интервјуто се бележат поголем број додатни видувања на македонскиот писател: „Европа е една сјајна, плодотворна идеја, но денес, за жал ја разјадуваат скакулците на нејзината сопствена бирократија, па и во суштина ентиевропските кртови што роват низ локалните ареали. Ние во Македонија тоа најдобро го чувствуваме со новите бугарски негации и уцени… Па и останатите на овој Балкански полузапад којшто, де факто, подземно му го препуштаат на Истокот. Ова е мошне битна поента која бирократите не можат, некои и не сакаат, да ја увидат… Но неа натаму нема да ја елаборирам. Сепак, тоа е она кога стварноста така долго време ви се крши над главата. И наместо сонот за подоброто време, четврт столетие, со ништо непредизвикан од ваша страна, освен со неразбирливата попустливост на македонските политичари, продолжува да ви се случува посттранзициски кошмар од којшто, со додавање на дипломатски анестетици, посети и притисоци едноставно не ви даваат да се разбудите, и тоа при вашата чиста историска и политичка совест. Тоа е дистопијата што ние ја живееме, холограмот што ни се наметнува. ‘Холограф’ е поднасловот на мојата футуристичка утописка визија за конзархијата на бродот на кој, поделени по палуби, сите ние вака непријатно се луламе. Морската болест на Европа на некои им одговара. “
На крајот од разговорот македонскиот писател ја најави и својата најнова книга, тукушто завршениот роман насловен „Заборав“, „роман кој над сѐ говори за Алцхајмеровиот синдром на ова време и на овој свет на патолошките заборави. Не знам, го завршува исказот Османли, како критиката ќе го цени, но јас оваа проза ја сметам за својата, ако веќе не најдобра, тогаш барем за својата најискрена и воедно најслободна книга“.