Во вториот круг од претседателските избори не влезе ниту еден од кандидатите на партиите на Албанците во Македонија, Бујар Османи на ДУИ и Арбен Таравари на коалицијата Вреди. Во текот на изборниот ден висок функционер на албанскиот партнер од владината коалиција на социјалните мрежи објави видео од кое се гледа дека тој и сопругата земаат само едно ливче. Веднаш потоа следуваше изјавата – нема да гласам за кандидат што е против УЧК, кој дава изјави со кои се конфронтираме со Бугарија, со ЕУ, САД…
Ова веќе се толкува како отворен повик на овој функционер за бојкот на претседателските избори.
Еве што покажуваат резултатите на ДИК за излезноста до 13 часот на претседателските и на парламентарните избори: Гостивар 11,9% на претседателските, 17,2% на парламентарните, Тетово 14,8% и 24,6%, Струга 11,8% и 17,6%, Чаир 12,9% на претседателските и 20,7% на парламентарните… Или, Липково со само 3,28 отсто излезност за претседателските избори.
За избор на претседател во вториот круг неопходна е излезност од 40%, или од 725.727 гласачи за победа се потребни 362.864 гласа.
Овој досегашен резултат меѓу гласачите Албанци може да е резултат на незаинтересираноста на гласачите Албанци, но и на отворен повик на партиите за бојкот. Но може да биде и сериозна политичка порака – без албански гласови нема претседател.
Сепак, досегашната излезност во четири изборни единици и делумно во петтата изборна единица, како и податокот од ДИК дека излезноста е нешто поголема во споредба со 2019 година укажуваат дека фамозните 40 отсто ќе бидат достигнати и Македонија ќе изгласа претседател.
А.Д.