четврток, 20 март 2025

Тест летот на Старшип на Спејсекс заврши со нова експлозија, втор неуспех во 6 недели (ВИДЕО)

Вселенското летало Старшип на Спејсекс експлодираше во четвртокот, само неколку минути по полетувањето од Тексас, со што пропадна обидот да се распоредат тест сателити. Ова е втор последователен неуспех во ракетната програма за Марс што ја води Илон Маск.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Вселенското летало се распадна набргу по неконтролираната ротација, додека моторите му биле исклучени, што било потврдено во директен пренос на Спејсекс. Овој неуспех доаѓа нешто повеќе од еден месец откако и седмиот лет на Старшип заврши со експлозија. Два последователни неуспеси се случија во раните фази на мисијата, во кои Спејсекс претходно поминуваше без проблем.

Ракетата висока 123 стапки полета околу 18:30 часот по источно време од комплексот за лансирање на Спејсекс во Бока Чика, Тексас. Неговата прва фаза, Супер Хеви бустер, успешно се врати на Земјата според планираното. Но, само неколку минути подоцна, според преносот во живо горната фаза на Старшип неконтролирано се врти во вселената, додека податоците покажаа дека моторите постепено се гасат. Набргу потоа, Спејсекс потврди дека изгубил контакт со леталото.

„За жал, ова ни се случи и минатиот пат, па барем сега имаме одредено искуство“, рече Ден Хут, портпарол на Спејсекс за време на емитувањето.

Ракетата не носеше астронаути. По експлозијата, Спејсекс го прекина преносот и не даде никакви информации за каде паднале остатоците.

Во официјалното соопштение, компанијата наведува дека „леталото доживеало брзо непланирано распаѓање и контактот бил изгубен“. Тие додадоа дека нивниот тим соработува со безбедносните служби и детално ќе ги анализира податоците за да ја открие причината за експлозијата. „Секој успех доаѓа од она што го учиме, а денешниот лет ќе ни обезбеди вредни информации за да ја зголемиме доверливоста на Старшип“, велат од Спејсекс.

Поради остатоците што паднаа на делови од Карибите, американската Федерална авијација (ФАА) привремено ги прекина комерцијалните летови на аеродромите во Мајами, Форт Лодердејл, Палм Бич и Орландо најмалку до 20:00 часот по источно време. Исто така, летовите беа пренасочени над областа Туркс и Каикос.

ФАА започна официјална истрага и објави дека Спејсекс мора да ја утврди причината за неуспехот и да добие одобрение од агенцијата пред Старшип повторно да лета.

Овој нов неуспех претставува нов удар за плановите на Маск. Неговата цел е да развие ракета која ќе може да лансира големи групи сателити, но и да превезува луѓе до Месечината и Марс. Обидот за лансирање во јануари заврши со експлозија осум минути по полетувањето, при што остатоци паднаа над Карибите. После тоа, ФАА привремено ги забрани комерцијалните летови и му нареди на Спејсекс да спроведе истрага. Компанијата подоцна објави дека се направени модификации на системот за гориво за да се спречи сличен проблем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ