Во објава на Инстаграм, поп-ѕвездата рече дека спровела свое „истражување“.
„Ќе гласам за Камала Харис и Тим Волц на претседателските избори во 2024 година“, рече таа. „Гласам за Камала бидејќи таа се бори за правата и верува дека е потребен воин за да ги брани“. Свифт напиша дека Харис има „мирни раце“ и дека е „надарен лидер“.
„Верувам дека можеме да постигнеме многу повеќе во оваа земја ако нè води мирот, а не хаосот“, напиша таа.
Свифт ја објави веста со фотографија на која е со мачка и се потпиша „Мачкарка без деца“, повикувајќи се на изјавите на потпретседателскиот кандидат на Доналд Трамп Џ.Д Венс.
Сенаторот од Охајо и десната рака на Трамп, во 2021 година нарече неколку истакнати демократи, вклучувајќи ја и Харис, „куп мачкарки без деца кои се мизерни во сопствениот живот“.
Свифт потоа го пофали изборот на Камала Харис за потпретседателски кандидат, гувернерот на Минесота, Тим Волц, за кој рече дека „со децении се залага за правата на ЛГБТК+, правата на вештачко оплодување и правото на жената на сопственото тело“.
Пејачката рече дека е делумно мотивирана да ја сподели својата одлука за гласањето со јавноста бидејќи слика од вештачка интелигенција на која лажно го поддржува Трамп е објавена на неговата веб-страница.
„Тоа навистина ги оформи моите стравови во врска со вештачката интелигенција и опасностите од ширење дезинформации“, рече таа. „Ова ме доведе до заклучок дека треба да бидам многу транспарентна за моите реални планови за овие избори како гласач“.
Свифт е една од неколкуте познати личности кои ја поддржаа Харис, вклучувајќи ги пејачите Џон Леџенд и Оливија Родриго, актерот Џорџ Клуни и режисерот Спајк Ли. Поранешниот борач Хулк Хоган, ТВ ѕвездата Амбер Роуз и милијардерот Илон Маск го поддржаа Трамп. Свифт ја поддржа Харис по жестоката 90-минутна претседателска дебата, за време на која двајцата кандидати се судрија околу прашања како што се правата за абортус, економијата и имиграцијата.
Ова не е прв пат поп-ѕвездата да го поддржи демократскиот кандидат во трката против Трамп. Свифт ја објави својата поддршка за претседателот Џо Бајден и Харис како негова потпретседателка еден месец пред изборите во 2020 година.
Свифт, исто така, беше гласен критичар на Трамп за време на неговото претседателствување, среде националните протести поради полициското убиство на Џорџ Флојд.
Пејачката има 283 милиони следбеници на Инстаграм. Нејзината порака доби повеќе од два милиони лајкови на Инстаграм само половина час откако ја објави.
„Го направив моето истражување и го направив мојот избор“, рече таа. „Вашето истражување зависи од вас, исто како и изборот“.
Кандидатот за потпретседател на Камала Харис, Тим Волц, беше на Ем-ес-ен-би-си кога беше објавено за поддршката на Тејлор Свифт. „Неверојатно сум благодарен“, рече Волц на прашањето за нејзината поддршка.